„За Груби и резервниот премиер Ковачевски нема разлика меѓу законското и незаконското, исто тежат и законот и криминалот. Иста вредност имаат и легалното и нелегалното. Со законските измени по потпишаниот договор за изградба на автопатишта, прифатиле промена на законот за експопријација, со тоа што би се вметнало иста вредност за обештетување да има за сите градби што би се рушеле, а се на трасата на автопатот. Иста вредност и за легално изградените објекти, оние што се градени со закон, со дозвола, со платени комуналии, давачки и данок, но и за дивоизградените објекти! Ако веќе трасата е позната, а нема да се бара документ за легализација, тоа значи дека сега некој да почне да гради карабина, без никаква дозвола, утре ќе му биде платено како да ја минал цела процедура и да има платени давачки кон државата! Ова е изедначување на правото и неправото, изедначување на законот и беззаконието и тоа со измена на закон за експопријација“, обвини денеска на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Поради ова, како што рече тој, само избори се спасот.
Од владеачката СДСМ пак ја обвинија опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека е отворено против изградба на коридорите 8 и 10д и дека партијата ги обвинува САД за криминал.
„ВМРО-ДПМНЕ отворено се противи на историски најголема инвестиција во патната инфраструктура во државата – изградбата на делниците од Коридорот 8 и Коридорот 10Д, за кои се децении се зборуваше, а сега се реализираат. Скандалозно и неодговорно, ВМРО-ДПМНЕ, партијата во заложништво на проруската Левица, шири невистини и ги обвинува САД и изведувачот Бехтел за корупција. ВМРО-ДПМНЕ останува симбол на провизии од кинеските автопати, симбол на корупција и криминал. Со СДСМ државата се развива, во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува“, тврдат од СДСМ.