петок, 25 октомври 2024

Опозициските лидери го предупредија Макрон да не ја вклучува Франција во конфликт со Русија

Лидерите на француската опозиција денеска го предупредија претседателот на земјата, Емануел Макрон, да не ја вклучува Франција во конфликт со Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Состанокот на францускиот претседател со шефовите на опозициските партии во Елисејската палата траеше нешто повеќе од три часа, но не беше постигнат консензус до каде да се оди со поддршката на Украина, пренесува БФМТВ.

Претседателот на десничарскиот Национален собир Жордан Бардела истакна дека е важно Франција да не започне конфликт со Русија.

„Мислам дека можеме да најдеме многу решенија, покрај она да влеземе во нова светска војна. Неопходно е да се воспостават црвени линии, а претседателот не сакаше да ги повлече“, изјави Бардела по средбата.

Тој изјави дека Франција треба да биде гласот на мирот и да избегне да стане „соучесник во конфликтот“.

Коментирајќи го предлогот на Макрон за испраќање војници во Украина, Бардела истакна дека ова прашање „предизвикува загриженост во земјата, ја изолира Франција на меѓународната сцена и открива разлики во ставовите меѓу членките на НАТО“, пренесува Паризиен.

Бардела и претседателот на Комунистичката партија Фабијан Русел за медиумите изјавија дека Макрон им објаснил дека „нема граници и црвени линии“ кога станува збор за поддршката на Франција за Украина.

Мануел Бомбар, член на партијата „Непокорена Франција“, истакна дека францускиот претседател „не го разбира ризикот од својот тврдоглав воен пат“.

Лидерот на француските републиканци, Ерик Чоти, изјави дека на средбата ја повторил поддршката на републиканците за Украина, додавајќи дека посочил дека испраќањето војници во Украина би било „неодговорно и опасно“.

Макрон вчера во Елисејската палата се сретна со своите претходници Франсоа Оланд и Никола Саркози, а се очекува да ја посети Украина, по што француската стратегија за помошта на Киев треба да биде предмет на расправа.

Француските парламентарци треба да гласаат за стратегијата следната недела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ