понеделник, 22 јули 2024

Опозицијата не верува во новата влада, собраниското мнозинство уверува дека не се сите исти

Пратениците од мнозинството и опозицијата и денеска ги спротивставија ставовите околу програмата за избор на новата влада. Во продолжението на собраниската расправа, ВМРО-ДПМНЕ ги повтори основните заложби – евроинтеграција на државата, борбата против криминалот и корупцијата, развој на економијата, рамномерен регионален развој, приближување на власта до граѓаните, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, градење добри односи со соседите и негување на меѓуетничките односи, а СДСМ изрази сомнеж во реализацијата на ваквите ветувања.

Објавено на

часот

Сподели

За ВМРО-ДПМНЕ „ова е голем ден, зашто заминува најнеспособната и најкриминалната влада“, а според СДСМ, „со чест на исклучоци, министрите кои се предлагат веројатно ќе истераат епизодна улога“.

„За неколку дена ВМРО-ДПМНЕ погазија многу ветувања, надежта почна да исчезнува. Загрижуваат одредни недоречени ветувања во предложената програма, како преиспитувањето и рационализацијата на органите на државната управа со можност за спојување и укинување на одредни државни органи, дали новата реорганизација изласана по полноќ и во скратена постапка ви беше потреба за реформа која ќе биде и соодветно прочистување?“, праша Сања Лукаревска од СДСМ.

Таа посочи на двете експозеа, на некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во 2006 година и на сегашниот мандатар Христијан Мицкоски со констатација дека „речиси сѐ е исто, само него го нема“.

Лукаревска истакна дека за поздравување во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е тоа што ќе се продолжат добрите решенија во даночната сфера, дигитализацијата, обновливите извори, културата, земјоделството, иновациите, повисокиот стандард на вработените и пензионерите, нешта кои, како што нагласи, владата на СДСМ ги издигна на достоинствено ниво.

Повеќе пратеници од мнозинството се јавија за реплика. Кон Лукаревска упатија и обвинувања за неефикасна наплата на даноците.

„УЈП не ги исполнуваше обврските на потребното ниво, данокот не се прибираше со потребното темпо. Мотивацијата за плаќање даноци е ниска, а владата наместо да ја зајакне фискалната дисциплина, го избираше полесниот пат, да ги оданочи оние кои плаќаат данок. Се уште има и региони т.н. даночен рај, дури и во Скопје и неговите приградски населби“, укажа Павле Арсоски од ЗНАМ.

Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ најави имплементирање на е-фактура и фер однос кон сите даночни обврзници, а Миле Цеков од ЗНАМ обвини дека од преземањето на власта, иако ветуваше броба против сивата економија, СДСМ дозволи таа да се зголеми.

Во репликата, Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ се осврна конкретно на програмата на новата влада. Рече дека прави сериозен скриниг на состојбите во државата наследени од СДСМ.

„Програмата е реформска и има за цел да го врати во живот секој сектор, наследуваме колапс, почнувајќи од економскиот сектор, здравствениот, образовниот, правниот и културолошкиот. Предвидуваме јасни мерки за разлика од претходната влада. Најавуваме веќе во вторник инвестиција од преку 400 милиони евра и серозна поддршка за локалните самоуправи со 250 милиони капитални инвестиции. Ќе бидат испорачани нашите стратешки приоритети, а и ќе донесеме многу поквалитетен живот, нешто што не успеа да испорача претходната влада“, истакна Петрушевска.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека земјава не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ, а за тоа, како што напоменаа, е виновна претходната влада. Патот кон ЕУ, според нив, беше само декларативна заложба.

„Ова е голем ден зашто во историјата заминува најнеспособната и најкриминалната влада. Денес е голем ден и зашто по 2008 година прв пат ќе имаме целосна промена на власта, зашто конечно кланот Заеви и ним сличните заминуваат во историјата. Денес е денот кога оние кои немаа народен кредибилитет не владееја, управуваа и пљачкаа, тие денес заминуваат и на нивно место доаѓаат луѓе кои беа на избори и добија незапамтен народен кредибилитет и легитимитет. Мицкоски рече дека Македонија ќе биде подобро место за живеење. Убеден сум дека неговиот план и виизја се реални и остварливи, ќе биде пеколно тешко, но ќе испорачаме резултат и јас за тоа ќе гласам“, подвлече Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој поединечно претстави дел од новите министри, искажувајќи максимална доверба во нивното работење.

Реплицираше Борче Цветков од СДСМ, кој потсети на ветувањата што ги даде ВМРО-ДПМНЕ.

„Никогаш Северна, само Македонија или ќе го поништиме и репреговараме рамковниот договор и нема да пристапиме кон уставни измени. Ова се двете лаги – за првото, денес се разобличува цела изборна лага. Пред нас е предлог за состав на влада со уставно име. Мистериозно исчесна и второто ветување, измени под бугарски диктат не, за да премине во ново ветување за признавање малцинства со реципроцитет. Ќе дојде време кога ќе треба да дадете одговор на овие ветувања. Предлагате вицепремиер кој негува добри односи со Русија и кој по убедување е на спротивната страна од политиките на нашите стратешки партнери. Предлагате министер кој вели ‘нема Албанец кој ќе ја отпее македонската химна и ако некој верува во тоа, тогаш има сериозени проблеми’. Како ќе функционира оваа влада, вие си знаете. Во програмата се залагате за еднакви можнсоти за мажите и жените, а во составот на новата влада имате само три жени од 24 министерства за кои помпезно најавувате дека ќе ги намалите, изгласавте закон за реорганизација на владата, а не покажавте како ќе ја спроведете таа трансформација“, рече Цветков.

Аднан Азизи од Вреди апелира граѓаните да не потпаѓаат на демагоија и жолта пропаганда.

„Збогум режим, добредојдовте промени, време е за дејствување, дојде денот за казнување. Како дел од коалицијата, гарантираме дека Албанците овој пат ќе бидат најдобро претставени наспроти жолтата пропагнада што ја специјализираа спин докторите на ДУИ. Владината платформа е унифицирана, интегрирана и главните нејзини столбови се одредница на сите групи од коалицијата. Главни столбови се евроинтеграцијата, борбата против криминалот и корупцијата, развојот на економијата, децентрализација, приближување на власта до граѓаните“, истакна Азизи.

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе продолжи работата за една изборна единица. Тој јавно, од говорница, ги покани пратениците Турци да влезат во владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

По вообичаената пауза за ручек, расправата по програмата за новата влада треба да продолжи во 15 часот.  

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ