вторник, 22 октомври 2024

ОН: Повеќе од два милиони луѓе раселени поради оружените конфликти во Судан

Објавено на

часот

Сподели

Судан е во хаос од средината на април, кога неколкумесечните тензии меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка избувнаа во оружени борби во главниот град Картум и низ целата таа североисточноафриканска земја, вклучително и во западниот регион Дарфур.

Бруталните судири принудија повеќе од 1,6 милиони луѓе да побегнат во побезбедни области во Судан, додека околу 530.000 други избегаа во соседните Египет, Јужен Судан, Чад, Етиопија, Централноафриканската Република и Либија, според Меѓународната организација за миграција.

Според Сојузот на судански лекари, најмалку 959 цивили биле убиени до 12 јуни, а околу 4.750 биле ранети.

Организацијата соопшти дека бројот на жртвите може да е многу поголем бидејќи нема податоци за загинатите и ранетите во судирите во Генеина, главниот град на провинцијата Западен Дарфур. Градските болници во Генеина се затворени откако таму избија борби во април.

Паравоените сили за брза поддршка и нивните сојузници од арапските вооружени групи убиле и раниле стотици луѓе во градот во изминатата недела, според локални активисти и претставници на ОН, пренесува АП.

Претставникот на ОН во Судан, Фолкер Пертес, вчера изјави дека борбите во Генеина добиле „етничка димензија“ и дека нападите на арапските вооружени групи и Силите за брза поддршка „може да претставуваат злосторства против човештвото“.

Активисти и жители на Генеина известија дека десетици жени биле сексуално нападнати во нивните домови и додека се обидувале да избегаат од конфликтот. Речиси за сите случаи на силување се обвинети Силите за брза поддршка, кои не одговориле на повеќекратните барања за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ