среда, 24 јули 2024

Охрид СОС: ДИЖС или смета дека тампонирањето не е штетно или дека Охридско Езеро не е природно богатство

Граѓанската иницијатива Охрид СОС до надлежните инспекторати, вклучително и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) поднела пријави за тампонирање на дел од крајбрежето на Охридското Езеро кај Свети Стефан.

Објавено на

часот

Сподели

Како што посочуваат во соопштението, од ДИЖС добиле одговор дека согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, дозволени се интервенции доколку се користат автохтони материјали, додека за тоа дали се постапува согласно предвиденото надлежна е Општина Охрид.

Од Охрид СОС посочуваат дека во ДИЖС „по којзнае којпат“ се огласуваат со ненадлежност, дека вишиот инспектор за природа, д-р Хасан Рустеми е „добро познат по неговата ‘стручна’ проценка за ненадлежност, во ред случаи кога природата е предмет на уништување“.

„Ете инспекторот Рустеми и овој пат смета дека истурањето земја во Охридско Езеро и тампонирање за да си овозможат плажа за гостите, оние кои со рестораните влегоа во езеро, не се коси со никој од законите кои се во негова надлежност т.е. закони за чие почитување Рустеми секој месец зема плата“, пишува во реакцијата од Охрид СОС.

Активистите на иницијативата го потсетуваат инспекторот и директорот на ДИЖС Сретен Стојкоски,  дека согласно Законот за заштита на природата, државните инспектори се овластени да утврдат „користење и употреба на природното наследство и природното богатство и зведување на активности кои можат да предизвикаат промени и оштетувања на природното наследство или природното богатство“, но оти како што посочуваат инспекторот или смета дека тампонирање во езерото не спаѓа во штетни активности или не смета дека Охридско Езеро е природно богатство.

Истовремено од Охрид СОС посочуваат дека Планот за управување со светкото природно и културно наследство на Охрискиот регион произлегува од Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, во кој децидно стои дека „Инспекциски надзор над примената на овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон во делот на природното наследство го врши Државниот инспекторат за животна средина преку државните инспектори за заштита на природата.“

„Државниот инспекторат за животна средина веќе одамна реално не постои, но ова ги надмина сите граници. До кога нашето непроценливо богатство ќе биде оставено на милост и немилост на некомпетентните“, стои во реакцијата од Граѓанската иницијатива Охрид СОС.

За случајот со тампонирањето на дел од крајбрежјето на езерото со реакција се огласија и од партијата Левица, со забелешка дека продолжуваат градежни активности што се одвиваат спротивно на законот и интересите на граѓаните, а во интерес на локални моќници. Притоа од партијата побараале од надлежните институции, да се произнесат за градежните активности во месноста Застава и да информираат дали и што се презема во врска со посочениот случај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ