вторник, 23 јули 2024

„Одговорни сме кон Договорот од Преспа, за разлика од Грција“, грчки медиуми за ставот на Сиљановска Давкова

Под наслов „Северна Македонија-Гордана Сиљановска: Се однесуваме многу одговорно кон Договорот од Преспа, се сомневам дали истото важи и за Грција“, грчката новинска агенција АНА-МПА ги пренесува ставовите на претседателката изнесени во вчерашното интервју, текст преземен од голем дел од онлајн изданијата на медиумите во Грција.

Објавено на

часот

Сподели

АНА-МПА пишува дека „претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска, тврдеше дека нејзината земја во голема мера ги исполнила своите обврски кои произлегуваат од Договорот од Преспа, додека изрази сомневање дали истото може да се каже и за Грција“, пренесува МИА од Атина.

„Барам разбирање. Го имаме Договорот од Преспа. Се смени Уставот на нашата земја, ги сменивме нашите документи и за надвор и за внатре, дури и шахтите ги сменивме. Но, кога постојат две страни во Договорот, треба и другата страна да покаже кооперативност. Јажето има два краја и обично двајца го влечат. Мислам дека многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, ги исполнивме нашите обврски дури и пред да истечат роковите, но не сум сигурна дека истото го стори и Грција. Таму ќе слушнете да велат Скопјани, Скопја, ќе видите табли ФИРОМ, но не и со Северна Македонија. Да не зборуваме за меморандумите за соработка и особено за меморандумот за процесот на пристапување на нашата земја во Европската унија“, ја пренесува грчката новинска агенција, изјавата на претседателката за време на интервјуто.

 

Дополнително, пренесен е и ставот во однос на заклетвата и употребата на името Македонија и нејзиното објаснување дека врз основа на член 7 став 3 од Договорот од Преспа има право да го користи терминот Македонија, а целосно е цитирана и позицијата дека „името е најголемиот идентитетски знак и тоа излезе од мене“.

„На прашањето дали во следните пет години (колку што трае нејзиниот мандат како претседателка на државата) ќе остане на својот став и нема да го изговара уставното име на државата, а тоа е Северна Македонија, Гордана Сиљановска одговори: Сите знаете дека сум претседателка на оваа држава која според нејзиниот Устав се нарекува така. Зошто треба да го повторувам тоа? Зарем нашите грчки колеги постојано велат Хеленска Република или Елада? Не. (…) Ги почитувам договорите. Не е точно дека ги прекршуваме. Некој друг ги прекршува“, пишува грчката новинска агенција на крајот од текстот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ