„Според нашите информации, моментално се доставува нафтата до базите во Автокоманда и Ѓорче Петров, рече Стојановски. Ако вечерва нафтата стигне, а според нашите информации веќе се доставува, значи од утре треба да има нормален автобуски превоз.
Стојановски оцени дека денеска Владата направила одличен потег со тоа што активирала дел од државните стокови резерви за гориво за потребите на градот Скопје со тоа што се решава проблемот со автобускиот превоз на краток рок односно за седум дена.
„Сѐ што треба Градот Скопје да направи во рок од тие седум дена е да направи постапка за јавна набавка за гориво до Бирото за јавни набавки. Секако Бирото тоа би го одобрило доколку е се во ред за да нема проблем како што настана овие неколку денови“, рече Стојановски.
Во однос на приватните превозници кои нудат 200 автобуси да се вклучат во сообраќајот доколку се зголеми цената за километар, советникот рече дека таква седница нема на дневен ред денеска и оти нивниот предлог мора да се разгледа за да се видат кои се реперкусиите и каков буџет е потребен. За тоа, додаде тој, сепак треба мнозинство од сите советници.
За тоа дали ќе се надмине кризата со свтобускиот превоз во Скопје, вели дека тоа сепак зависи од менаџирањето на градот Скопје за понатамошните денови откако ќе поминат овие седум дена.
„Сѐ зависи од менаџментот. Ние како Совет сме тука само да изгласаме одлуки. Менаџирањето го носи највеќе директорот на ЈСП и градоначалничката на градот Скопје, Арсовска“, рече тој.
Стојановски нагласи дека тие како советничка група ги изгласале сите програми досега за градот Скопје, вклучително и за ЈСП Скопје.
„Доделивме само оваа година 645 милиони денари, тоа мислам околу 10 милиони евра субвенции за ЈСП. И претходните години имаме огромна сума доделено субвенции, што значи дека ние како советничка група секако сме гласале за се’ што е позитивно за ЈСП Скопје, но и за останатите претпријатија“, рече тој.
Дали ќе гласаат за набавка на новите еко автобуси, Стојановски нагласува дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гласа неколку пати за овој предлог затоа што немаат информација од кого би се набавиле, колку би чинела сумата, колку и кој би ги платил тие автобуси.
„На прашањето кој ќе ги плати тие автобуси, кој ќе ги набави во градот Скопје и дали има средства за тоа ни беше одговорено дека има еден денар. Верувајте дека некој кога ќе ви одговори дека ќе има еден денар за автобусите секако не би го изгласале тоа“, рече советникот на Град Скопје.
За утрешните најавени протести, смета дека се демократско право.
Советничката од СДСМ во Градот Скопје Љубица Јанчева изјави дека очекува на седницата да биде изграден консензус и да бидат донесени заеднички заклучоци по актуелната состојба во град Скопје.
„Дел од предлозите коишто не се содржани во барањето ние денеска на прес-конференција и ги обзнанивме. Тоа се три предлози. Ќе бараме Советот едногласно да донесе заклучок со којшто бараме од државните резерви за нафта да биде одобрено субвенционирање од Владата на РСМ кои ќе бидат доделени на град Скопје за да се надмине хаотичната состојба во ЈСП Скопје и тоа не е првпат. Ќе бараме да донесеме консензуален заклучок за измени на Законот за финансирање на ЕЛС, единките коишто ги основаа тие. Значи и тоа не е ништо ново“, рече Јанчева.
Третиот предлог е пратениците во Собранието да иницираат надзорна расправа за состојбите во град Скопје.
„Иако е локална самоуправа Собранието е законодавен дом, постои Закон за град Скопје па оттука и надлежностите на Собранието за сѐ што е во врска со јавниот интерес да се одржува надзорна расправа“, рече Јанчева.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на седницата на Советот истакна благодарност „затоа што утре граѓаните ќе можат да стигнат на своите работни места и учениците ќе можат да стигнат на училиште“. Вооедно, таа апелираше до советниците на следната седница „да се изгласаат сите работи коишто навистина се неопходни за граѓаните“.
За кризата во ЈСП, Арсовска вели дека не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради тоа што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.
„Она што се случи вчера, а тоа е да застане превозот поради недостаток на нафта, морам да кажам дека не е предизвикано од тоа што некој несоодветно си ја завршил својата работа, туку е предизвикано од тоа што во редовна јавна набавка, односно постапка за јавна набавка, која што во рок е завршена за да нема никакви проблеми, беше предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки и истата беше поништена, и покрај тоа што се работи за јавна набавка која што е за суштинскиот енергенс“, рече Арсовска.
Доколку не била поништена оваа јавна набавка, Арсовска вели овој проблем немало да постои.
„Доколку не беше оваа јавна набавка поништена, ние денес овој проблем немаше да го имаме. Од друга страна, морам да кажам дека денес имавме можност да видиме она кое што го зборуваме веќе во изминатите три години, чекорот којшто беше направен од страна на Владата и од страна на премиерот, којшто во рекордно време од истато тоа Биро за јавни набавки успеавме да добиеме одобрение за директна спогодба за да може Јавното сообраќајно претпријатие во овие услови во какви што беше ставано од истата таа институција да може да испреговара и да се снабди со нафта“, додаде Арсовска.
Таа посочи дека денеска во рекордно време од Бирото за јавни набавки успеале да добијат одобрение за директна спогодба за да може ЈСП во вакви услови да испреговара и да се снабди со овој енергенс.
„Успеавме од страна на Владата во разговор со претседателот на Владата да добиеме ветување и тоа ветување тој го исполни да ја добиеме потребната количина на горива, односно на нафтени деривати коишто ќе бидат сосема доволни за претпријатието до моментот додека не се склучи новиот договор за да може ЈСП да функционира во нормални услови како што требаше и во изминатите денови“, рече Арсовска.
Владата на денешната вонредна седница одлучи да му позајми на Град Скопје дел од државните резерви со нафта со цел решавање на проблемот со градскиот превоз во Скопје.
„Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие при што Владата се вклучи во решавање на овој проблем. Беше донесена одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Со ова се овозможува да му се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата“, информираа од Владата.
Денеска меѓудругото Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје.
„Со ова Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај“, информираа од Владата.