сабота, 23 ноември 2024

Од Штип, МВР со кампања ја подобрува безбедноста на пешаците

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска рече дека целта на кампањата е подигнување на свеста на пешаците дека се рамноправни учесници во сообраќајот и дека задолжително треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, но и возачите мора да ги почитуваат правилата за да обезбедат безбедност за пешаците.
 
„Денеска во Штип се реализираа активности од кампањата за пешаци. На граѓаните им беше поделен едукативно-превентивен материјал и им се даваа препораки за однесување во сообраќајот затоа што безбедноста на пешаците и на возачите е заедничка грижа и заедно треба да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот. РСБСП упатува апел до пешаците: Почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот. Задолжително преминувајте на означен пешачки премин. Безбедноста секогаш нека биде на прво место“,  рече Кожуваровска.
 
Според деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски оваа кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност, исто како и минатата 2022 година, значително ќе придонесе за актуелизирање на предизвикот за безбедно учество во сообраќајот на сите учесници, особено на пешаците како ранлива категорија.
 
„И оваа година ја продолжуваме кампањата за зголемување на безбедноста на пешаците во сообраќајот. Денеска од Штип испраќаме јасна порака за заштита на животот, за грижа за секој поединец, особено за најранливата категорија – пешаците. Јасно е дека само преку континуирани и добро реализирани мерки и активности, може да влијаеме на сообраќајната култура, секој учесник во сообраќајот да сфати дека од него зависи и неговата и безбедноста на сообраќајот на сите. Срдечно им благодарам на нашите партнери од МВР и РСБСП и на студентите од Факултетот за безбедност, за сите заеднички активности со кои покажуваме грижа и внимателност за секого, со очекување дека сите ќе бидеме внимателни и одговорни. И јас и ти, сите сме пешаци“, рече Дујовски.
 
Помошникот на министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура и со тоа на зголемување на безбедноста во сообраќајот.
 
„Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму затоа, меѓу другото,  организираме едукативно-превентивни активности како оваа денеска во Штип. Пешаците да ја преминуваат улицата само на пешачки премини и да ја почитуваат светлосната сигнализација односно никако да не ја преминуваат улицата доколку семафорот свети црвено. Не зборувајте на телефон додека преминувате улица туку целото свое внимание насочете го кон безбедно преминување од другата страна. Возачите пак, особено да внимаваат и да ја намалат брзината кога се приближуваат до пешачки премин и да им даваат предност на пешаците. Им благодарам на мнозинството граѓани  кои со своето одговорно однесување придонесуваат за побезбеден сообраќај и ги повикувам и останатите да ни се приклучат и заедно да обезбедиме што е можно побезбеден сообраќај“, рече Ангеловски.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ