вторник, 22 октомври 2024

Обвинетите за организација на настаните од 27 април бараат и за нив да важи Законот за амнестија

Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ е презакажано за 14 ноември годинава, откако утринава обвинетите Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Миле Јанакиески, преку адвокатот Еленко Миланов поднеле барање до Основниот кривичен суд Скопје на денешното рочиште да одлучи по поднесокот за амнестија без да се изведуваат материјални и вербални докази.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на судечкиот совет, судијата Илија Трпков, информираше дека во поднесокот обвинетите навеле дека потребно е Судот да донесе решение за примена на Законот за амнестија, бидејќи веќе има воспоставено таква пракса, односно кривичниот совет во 2018 година донел решение за амнестија во текот на главната расправа, во фаза на доказна постапка, каде не се чекало завршување на доказната постапка.

„Во прилог е доставено решение на кривичен совет, одделение за организиран криминал и корупција, од 20 декември 2018 година со образложение дека решението било донесено во текот на главната расправа, во фаза на доказна постапка и не се чекало завршување на доказната постапка. На Јавното обвинителство ќе му доставам примерок од ова решение, како и примерок од поднесокот. Јас го разгледав поднесокот и вистина е дека е донесено решение за амнестија во текот на доказна постапка, не само за обвинетиот во наведениот случај, туку и за други обвинети, меѓутоа јавниот обвинител нека се произнесе и нека даде мислење, со оглед на тоа дека овој поднесок го примивме во текот на денешниот ден“, посочи судијата Трпков.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, екс министрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.

Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Искра Хаџи Василева.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ