понеделник, 21 октомври 2024

Нуклеарни научници: Стрелките на часовникот на апокалипсата се на 90 секунди од судниот ден

Часовникот на апокалипсата или судниот ден и оваа, како и минатата година е на 90 секунди од полноќ кој симболично го означува крајот на човештвото, објави непрофитната организација Билтен на нуклеарните научници, која секоја година ги прилагодува стрелките во согласност со ситуацијата во светот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Организацијата соопшти дека светот се наоѓа во моменти на историска опасност и дека негативните трендови и понатаму го насочуваат кон глобална катастрофа.

„Војната во Украина и сè поголемата зависност од нуклеарна технологија го зголемуваат ризикот од нуклеарна ескалација. Кина, Русија и САД трошат огромни суми на зголемување и модернизација на своите нуклеарни арсенали, придонесувајќи така на општата опасност од нуклеарна војна која би избила по грешка или погрешна проценка“, наведе Билтенот на нуклеарни научници.

Часовникот на апокалипсата настана набрзо по почетокот на Студената војна и редовно од 1947 година го ажурираат научниците од Универзитетот на Чикаго. Научниците ја користат аналогијата на броење на времето до полноќ за да предупредат на опасноста од нуклеарните, еколошките и технолошките закани.

Во соопштението се укажува дека 2023 година донела температурен рекорд за планетата Земја, со тешки поплави, шумски пожари и климатски условени елементарни непогоди кои погодиле милиони луѓе.

„Последиците од климатските услови низ светот и континуираниот пораст на емисиите на гасовите со ефект на стаклена градина се причина за голема загриженост“, се наведува.

Сепак, се додава и дека „транзицијата кон зелена енергија добила на замав, во областа на примената, инвестициите и политиката за намалување на јаглерод диоксидот“.

Позицијата на стрелките на часовникот ги одредуваат и биолошките ризици, а во соопштението се укажува дека „забрзано продолжува револуцијата во органските науки и сродните технологии, што им овозможува на сè поголем број поединци, без оглед дали дејствуваат во група или индивидуално, да станат закана, случајно или намерно“.

„Во изминатите шест месеци неспоредливо повидлив стана потенцијалот на инструментите на вештачката интелигенција да им овозможат на поединци да ја злоупотребат биологијата“, се наведува во соопштението.

Годинешните и минатогодишните 90 секунди се најблиску што стрелките дошле до полноќ – односно до апокалипсата. Од 1947 година, стрелките најблиску биле на две минути, а дури и во текот на осумдесеттите години, кога САД и СССР распоредуваа нуклеарно оружје во Европа, до симболичната полноќ имаше од четири до три минути.

Меѓу соработниците на групата имало голем број нобеловци, а некогашни соработници биле и Алберт Ајнштајн, Роберт Опенхајмер, Лео Силард и други.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ