вторник, 22 октомври 2024
Интервју со Димитар Љоровски

Новата Влада да се заложи за Македонците на кои им е забранет влез во Грција

Димитар Љоровски е македонски историчар и професор во Институтот за национална историја во Скопје. Неговиот научен интерес првенствено е насочен кон историјата на Балканот во доцноосманлискиот период, со посебен осврт кон историјата на Грција во 19 и почетокот на 20 век, грчката политика кон османлиска Македонија и Македонското револуционерно националноослободително движење. Нему и на уште триесетина други Македонци повеќе од 10 години им е забранет влез во Грција со образложение дека се закана за националната безбедност на државата. Во интервју за МКД.мк Љоровски дава одговори дали и зошто како историчар е закана за грчката држава, но и за тоа како станал дел од мешовитата македонско-бугарска историска комисија.

Објавено на

часот

Сподели

-Професоре Љоровски, вие сте историчар по професија кој повеќе од 10 години има забрана за влез во Грција со образложение дека сте закана за националната безбедност. Има ли нешто ново со што би ја загрозиле грчката национална безбедност? 

– Првиот пат забраната за влез во Грција ми беше ставена 2012/13 година, со временски период од пет години. Потоа во период 2018-2024 година забраната се продолжи на два пати од по три години, за да во јуни годинава повторно се продолжи на уште три години, со што во 2027 година истата ќе „наполни“ 15 години. Првата помисла за мене, како човек, а најверојатно и на многу други што ќе го читаат ова интервју, е дека можеби сум извршил некакво тешко кривично дело, бидејќи толку големи казни се даваат токму за такви дела. Но официјалниот одговор на грчките власти дека ми е забранет влез во Грција е поради опасноста од загрозување на нивната национална безбедност. Мојата „вина“ е таа што во периодот 2010-2012 година на неколку пати во летните месеци присуствував на т.н. панаѓури во некои населени места во северна Грција, при што нормално на вакви настани остварував неформални средби со одредени личности од тој дел на грчката држава. Најверојатно мојата вина ја гледаат и во тоа што како историчар и научник неретко знам да пишувам и за одредени историски настани, личности и процеси од пошироката географска област на Македонија. Како и да е, се поставува логично прашањето, како една индивидуа, академски граѓанин, во 21 век може да ја загрозува и преку што грчката национална безбедност? Еве, јас сум подготвен, доколку има вистина во тоа, доколку има реални докази за некаква си таква моја активност во Грција, да одговарам пред грчките судови!

Неодамна повторно ви беше забранет влезот. Зошто?

-Да, на почетокот на јуни ми завршуваше последната тригодишна забрана. Знаете, грчката држава има донесено закон, некаде мислам во 2005 година, со кој се одредуваат постапките за ваквите случаи. Всушност станува збор, дека првиот пат ви стават  петгодишна забрана, а потоа според нивна проценка или, пак, по автоматизам, истата се продолжува за три години за случаеви кои тие ги сметаат за закана за грчката национална безбедност. Односно законот им дозволува тоа да го прават до недоглед. И повторно се поставува логично прашање, ако првиот пат според одредени нивни проценки сме ја загрозиле грчката национална безбедност, нѐ казниле пет години… како е можно во наредниот период да ја продолжат казната за исто или слично дело доколку не сме ја посетиле нивната држава. Едноставно откако завршила првата петгодишна казна и при евентуален влез во Грција се „повтори делото“, тогаш нормално би било да ви дадат нова забрана. Тоа е исто како да извршиш некакво си кривично дело, добиваш пет години затворска казна, ги отслужуваш, и потоа повторно ја добиваш истата казна, без да го повториш делото. Во мојот случај, ова е трето продолжување на првобитната казна, и секако без јасен одговор зошто се прави истото. Решението очигледно е политичко, т.е. двете држави треба да разговараат и да се обидат да го решат овој проблем, бидејќи како индивудуа е многу тешко, практично невозможно да ги оставариш своите основни човекови права за слободно движење и престој. Сакам да напоменам дека мојот случај не е единствен. Истата судбина ја делат околу 30 македонски државјани, кои се третираат на ист начин. Оттука, сметаме дека во наредниот период новата македонска влада треба сериозно да размисли и да го постави и да се заложи по оваа прашање пред грчката влада.

Член сте на мешовитата историска македонско-бугарска комисија. Информациите велат дека поради забраната за влез во Грција било пречка да бидете дел и од оваа комисија. Како станавте дел од комисијата?

-Да, токму така, јас станав дел од историската комисија пред неполни две години, но станав член на македонско-бугарската комисија, и покрај фактот што како научник мојот академски интерес пред сѐ е насочен на грчката политика во однос на „македонското прашање“ во изминативе 150 години и реално како научник поголем придонес ќе дадев доколку бев член на таа, македонско-грчка комисија. Сепак, од неофицијални извори, добивав информации дека мојата забрана за влез во Грција е пречка да бидам член на таа комисија. Апсурдностите се многу, особено ако се има предвид дека како научник ми е практично оневозможено да учествувам на многубројни научни конференции и симпозиуми каде што на академско ниво ќе може да се разменуваат мислења и ставови околу одредени историски прашања со моите грчките колеги. Дел од нив се вчудоневидени и изненадени од ставот на нивната држава кога ќе ја дознаат причината за мојата физичка неможност да учествувам да одредени научни настани.

Јавноста речиси и да нема информации што работи комисијата. До каде е процесот? Што е договорено, а што не?

-Македонската јавност редовно ја информиравме кога имаше одредни настани и прашања за кои сметавме дека треба истата да ја запознаеме. Но во реалноста, во изминатите две години, освен што во дадени моменти непотребно се креваше атмосферата и емоциите меѓу македонските граѓани, комисијата освен за едно прашање од учебниците (за формирањето на Охридската архиепископија), и не дискутираше конкретно, т.е. отвори друго прашање. До овој момент не сме донеле какво било дефинитивно решение за погорното прашање, и за тоа понатаму ќе треба да се дискутира. Процесот може да кажеме дека е во делумна блокада во однос на одредени технички прашања околу понатамошното функционирање на комисијата, и ние како членови на комисијата сметаме дека ако не се надминат овие технички прашања тешко би можело да продолжи нејзиното нормално работење.

Кои се спорните прашања околу кои се кршат копјата во комисијата и зошто е толку тешко историјата да одговори на прашањата како што е на пример, дали Гоце Делчев бил Македонец или Буграрин и слични на овие други прашања?

-Проблемот е околу различните погледи на членовите на комисијата од македонска и бугарска страна околу начинот на нејзиното функционирање и евентуалните цели кои истата би ги постигнала во насока на зближување на двете држави и народи. Но, ако едната страна постојано се обидува да го наметне својот национален наратив на другата страна, тогаш комисијата нема да има никаков успех. Околу Гоце Делчев, ние, во комисијата, на неколку пати потенциравме дека не дискутираме за определени идентитети. Во македонскиот историско-национален наратив Делчев е несомнено Македонец и таков ќе остане, како што во бугарскиот е она што тие сакаат да биде. Како научна фела, на конференции и симпозиуми ќе дискутираме и ќе ги браниме нашите тези и ставови со помош на историски факти и мултидисциплинарен пристап кон ова прашање.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ