вторник, 22 октомври 2024

Новата полска влада бара Германците да бидат креативни за компензацијата на загубите од Втората светска војна

Министерот за надворешни работи во новата полска проевропска влада изјави дека би сакал германските лидери да размислуваат „креативно“ за компензацијата на Полска за огромните загуби што земјата ги претрпе за време на Втората светска војна, пишува Асошиетед прес.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Барањето значително е намалено во споредба со она на претходната десничарска влада на Полска, која бараше репарации од 1,3 трилиони евра за инвазијата и окупацијата од 1939 до 1945 година. Германските власти постојано тврдат дека прашањето за репарациите е решено пред неколку децении, иако Берлин ја признава својата историска одговорност.

Полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски зборуваше на заедничката прес-конференција во Берлин со својата германска колешка Аналена Баербок пред нивните разговори за подобрување на билатералните односи кои беа затегнати под претходната полска влада.

„Исто така, ќе ја замолам министерката да ја убеди германската влада да размислува на креативен начин за изнаоѓање форма на компензација за воените загуби или за обесштетување“, рече Сикорски, говорејќи за проектот за одбележување на страдањата на Полска во Берлин. Тој не даде повеќе детали.

Баербок рече дека „справувањето со страдањата на милиони луѓе што Германија ѝ ги нанесе на Полска останува вечна задача“. Таа директно не се осврна на барањата за обесштетување. За време на нацистичка окупација, Полска загуби околу 6 милиони свои граѓани, од кои половината Евреи.

Земјата претрпе огромни штети и во однос на индустријата, инфраструктурата и културното наследство. Германија инсистира на тоа дека прашањето за репарации било решено со одлуки донесени за време на комунизмот, кога Варшава се откажа од барањето за репарации. Полска посочува дека во тоа време била под доминација на Советскиот Сојуз, па затоа декларацијата дадена под притисок на Москва и не била правно обврзувачка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ