Во присуство на претседател Милен Врабевски и претставници на фондацијата, како и амбасадорот на Бугарија, Ивајло Киров, примопредавањето на донацијата било во селото Глобочани, каде ќе биде поставена модуларната болница.
„Модуларната болница ќе обезбеди соодветни услови за прегледи и добивање соодветна терапија, поради кои жителите на селото во моментов се принудени да патуваат до Пустец или Долна Горица. Со тоа ќе се овозможи и присуство на медицински персонал во Глобочани. Донираните клупи ќе бидат поставени во центрите на селата во општината“, наведува агенцијата.
Апаратите за копирање и печатење ќе се користат во реновираната зграда на општина Пустец и се продолжение на донацијата на Бугарска меморија направена во текот на април годинава. Тогаш беа донирани мебел и компјутерска опрема за потребите на општинската администрација, односно вкупно 25 компјутери, 25 монитори, 44 канцелариски маси, столчиња и друго.
„Да, денеска добивме нова донација од споменатата фондација. Ние сме мала, сиромашна општина. Секоја донација е добредојдена, доколку нема никаква политичка или друга заднина“, рече кусо за МИА, градоначалникот Пали Колефски.
АТА потсетува дека во 2023 година, повторно со иницијатива и финансирање на Бугарска меморија,екипа специјалисти-кардиолози престојувала во Пустец пружајќи бесплатни прегледи на жителите на деветте села во општината, а неколку месеци подоцна, бугарската фондација донирала медицинска опрема и потрошен материјал во Здравствениот дом во Пустец. Фондацијата во 2020 година донирала амбулантно и противпожарно возило и џип за општина Пустец.