понеделник, 21 октомври 2024

Нивото на подземните води во светот во последните 40 години забрзано се намалува

Нивото на подземните води во светот во последните 40 години забрзано опаѓа, а тој процес е поттикнат од неодржливите пракси на наводнување и климатските промени, покажуваат резултатите на ново истражување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Подземните води се главниот извор на слатката вода за земјоделските култури, за домаќинствата и за разните индустрии, а нивното претерано исцрпување би можело да претставува сериозна економска и еколошка закана, како пад на приносите од посевите и деструктивно спуштање на земјиштето, особено во крајбрежните подрачја. Резултатите на истражувањето се објавени во научниот магазин Нејчр.

„Веројатно една од главните придвижувачки сили зад тоа забрзано опаѓање на нивото на подземните води е нивното прекумерно користење за земјоделството, односно за наводнување во сушните климатски услови“, смета Скот Џасечко, еден од авторите на истражувањето на Универзитетот Колумбија во Санта Барбара.

Но влијание на тој феномен има и сушата, исто така поттикната од климатските промени. Притоа земјоделците испумпуваат повеќе вода од вообичаено за да загарантираат наводнување на своите посеви, објаснува Џасечко.

Опаѓањето на нивото на подземните води е особено изразено во сушните клими каде големи површини земја се посеани, покажало истражувањето во рамки на кое експерти истражиле 170.000 бунари во повеќе од 40 земји. Утврдено е дека меѓу потешко погодените региони се северна Кина, Иран и западот на Соединетите Американски Држави.

Повеќе од третина од 1.693 водоносници кои биле следени за време на студијата се намалиле за најмалку 0,1 метар годишно во периодот од 2000 до 2022 година, а кај 12 отсто е забележан годишен пад од повеќе од 0,5 метри.

Водоносници се подземни слоеви или слоеви карпи и други геолошки наслаги доволно порозни за да овозможат проток на подземните води.

Во споменатиот период некои од најтешко погодените водоносници во Шпанија, Иран, Кина и САД се намалиле за повеќе од 2 метри годишно.

Во околу 3 отсто од проучуваните водоносници стапката на исцрпување на водата се забрзала од 2000 година.

Некои водоносници успеале да се опорават во тој период, делумно поради локално преземени мерки чија цел била да се ограничи количеството вода кое може да се испумпа.

Водоносниците можат да се надополнат и со вода пренасочена од некое друго место, но таквиот вид „опоравување“ бил „релативно редок“ па пред нас има уште многу работа, вели Џасечко.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ