„Го разгледувавме деловникот. Завршивме со негово разгледување и во петок ќе го гласаме истиот. Тоа беше содржината на денешната седница“, рече Цаца Николовска по завршување на состанокот.
Во однос на изјавите од Влада дека до крајот на мај очекуваат да биде познат текстот на уставните амандмани, таа повтори дека не би шпекулирала со време.
„Комисијата е составена од 23 членови, секој ќе сака нешто да каже, има право нормално. Сето тоа треба да се разгледува, да се сумира и во зависност од сето тоа ќе оди драфтирање на предлог нацрт амандманите“, изјави Цаца Николовска.
На новинарското прашање околу Преамбулата и нормативниот дел од Уставот таа одговори дека сите членови од групата имаат мандат којшто е резултат на сѐ она што се случуваше во Собранието и Владата, преку заклучоци, како и обврската за формирање на работната група.
„Секој од нас доби решение за член односно претседател или заменик-претседател на работната група и во тоа решение и нормално имајќи ги во предвид сите овие претходно наведени документи произлегува нашиот мандат за драфтирање на нацрт предлогот“, додаде Николовска.
Таа, исто така, информираше дека во Уставот има точни и конкретни насоки за негово менување и образложување на причините за пристапување кон измена на Уставот, и дека сите ќе се држат до тоа.
„Она што можам да кажам е дека апсолутно ќе се следат одредбите од Уставот и апсолутно ќе се постапува согласно Уставот. Ќе се интервенира таму каде што е потребно. И оние шпекулации дека не може да се интервенира во Преамбула или во некои одредени членови мислам дека наскоро ќе ги разјасниме и она што е најважно ќе дадеме аргументи за сите наши одлуки“, истакна претседателката на работната група за подготвување на предлог-иницијатива за потребата од уставни измени.
Во однос на прашањето дали во Преамбулата или во нормативниот дел ќе се пристапи кон предлог за изменување на Уставот, таа одговори дека тоа ќе биде и во едното и во другото.
Работната група за подготовка на предлог-иницијативата за потребата од уставни измени, за внесување на Бугарите, заедно со другите етнички заедници, што, пак, е услов за отворање на кластерите во процесот на преговори со Европската Унија, ја сочинуваат 23 членови од кои десет се од редот на експертите, десет се предлози на политички партии и тројца се членови од институции.