вторник, 22 октомври 2024

Непријавен и неосигуран градежен работник повреден при пад од куќа во Пехчево

Градежен работник при изградба на куќа во Пехчево паднал од висина од близу 3 метри и со повреди е однесен во болница. Инспекцијата утврдила дека тој не е пријавен и нема осигурување.

Објавено на

часот

Сподели

Од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) информираат дека вчера во 14.55 часот од страна ОВР Берово извести дека се има случено повреда при работа на ул.Гоце Делчев бр.88 во Пехчево. При изградба на приватна куќа, паднал и се повредил работникот Ф.Џ.

„Од страна на Државните инспектори на труд извршен е увид, во содејство со полициски службеници и инспектори од ОВР Берово. При увидот е утврдено следното: Повреденото лице фарбало метална конструкција и паднало од висина 2,85 метри и е транспортирано во Општа болница Штип и не е затекнато при надзорот“, се вели во пишаното соопштение на ДИТ.

Во соопштението се посочува и дека од увидот во електронскиот систем на Агенцијата за вработување е утврдено дека, повреденото работно ангажирано лице не е пријавено во задолжително социјално осигурување и работело спротивно на законските одредби. Во делот на безбедност и здравје при работа надзорот е во тек.

„После прибавување на целокупната документација од страна на инспекторите и целосно утврдување на фактичка состојба ДИТ ќе даде дополнително соопштение за јавноста“, велат од ДИТ.

За само два дена во Брегалничкиот регион на работните места повредени се тројца работници, од кои двајца во Пробиштип и еден во Пехчево.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ