четврток, 31 октомври 2024

Немири на северот на Косово, српската војска на највисоко ниво борбена готовност (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

„Војската на Србија ги почна своите активности по таа наредба и некој мора да разбере дека она што го прави Курти нѐ води кон црвените линии, кон целосен колапс на дијалогот, кон ескалација на теренот и загрозување на мирот и стабилноста во регионот“, изјави Вучевиќ за ТВ Пинк.

Тој рече дека тоа не е „игра“ или воена вежба, туку дека тоа е нешто што „навистина ја загрозува безбедноста“, пред сè на Србите на Косово.

„Министерството за одбрана и војската на Србија ќе ја спроведат наредбата на претседателот, како врховен командант на армијата, и без разлика на сѐ друго што се случува во земјата, ќе го направат она што се очекува од војската на Србија – да биде таму каде што е најтешко и да ги брани суверенитетот, слободата и независноста на Србија“, рече Вучевиќ.

Тој им порача на Србите во Косово да останат мирни иако ситуацијата е драматична и да не наседнуваат на провокации за да не се одигра сценарио каде што ќе бидат прикажани „како некои криминални групи и хулигани“.

„Јасно е дека на територијата на Косово и Метохија се врши државен терор врз српската заедница, тие институционално дејствуваат и вршат терор врз српската заедница и сакаат да го завршат етничкото чистење на таа компактна српска заедница на северот од Косово и Метохија“, рече министерот за одбрана.

Медиумите јавуваат дека Вучиќ, заедно со наредбата за зголемување на борбената готовност, наредил и итно придвижување кон административната линија со Косово и побарал од НАТО веднаш да престане насилството врз Србите.

Косовската полиција соопшти дека им помага на градоначалниците на северните општини Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток да си го остварат правото на работа во објектите.

Над десетина припадници на косовската специјална полиција со џипови пристигнаа до зградите на локалната самоуправа во Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, а десетици Срби, вработени во привремените органи на тие општини, се собраа на влезовите во зградите, пренесуваат медиумите.

Солзавец и пукање во Звечан, блокада во Лепосавиќ

По информациите што тимот на Радио Слободна Европа ги испраќа од теренот, косовската полиција влегла во зградата на општина Звечан.

Полицијата претходно одлучила да ги отстрани граѓаните за таа да влезе во зградата. Тогаш насобраните граѓани се обиделе да дадат отпор, а полицијата одговорила со солзавец и шок-бомби.

Во близина се слушнале и истрели. Насобраните граѓани оштетиле неколку полициски автомобили.

Камиони се поставени на влезот и излезот што водат кон центарот на Лепосавиќ, чија општинска зграда се наоѓа во центарот на градот.

Локалното население на северот претходно подигна барикади со цел да ги спречат косовските власти да спроведат некоја одлука.

Сирени денеска напладне се огласија во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово, а граѓани се собраа и пред општинските згради во Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ.

Пред зградата на општината во Звечан има и автомобили на косовската полиција.

Милија Бишевац, поранешен советник во собранието на општина Зубин Поток пред Граѓанската иницијатива „За Зубин Поток“, претходно за РСЕ изјави дека граѓаните се собираат пред општинската зграда со убедување дека „новоизбраниот градоначалник Измир Зеќири се обидува да влезе во зградата“.

„Има џипови во кои се верува дека е тој (градоначалникот) и дека се обидува да влезе во општинската зграда“, рече Бишевац.

Косовските власти ги обвинија српските „криминални и нелегални структури“ за ескалација на ситуацијата, јавува Радио Слободна Европа.

Бљерим Веља, шефот на кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи, на Твитер изјави дека насилството нема да надвладее и дека Србија сноси целосна одговорност за ескалацијата.

Според информациите на новинарите на теренот, косовската полиција веќе влегла во зградата на општина Звечан.

Новоизбраните градоначалници на општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток положија заклетва на 25 мај, со што ја презедоа локалната власт во овие три општини со српско мнозинство на северот на Косово.

Тие ги презедоа своите должности во јавни згради бидејќи во општинските згради се наоѓаат привремените општински органи што работат во системот на Србија.

Само во Северна Митровица има општинска зграда што работи по косовски систем, а на 19 мај во неа функцијата ја презеде Ерден Атиќ од Самоопределување.

На 18 мај американскиот амбасадор на Косово Џефри Ховениер изјави дека не треба да се користи сила за пристап до општинските згради на север.

Тој нагласи дека е важно да се избегнат конфликти или тензии на теренот.

САД, Франција, Италија, Германија и Обединетото Кралство изразија загриженост за локалните избори во април, со оценка дека тие не претставуваат долгорочно стабилно политичко решение за општините на северот на Косово, бидејќи беа бојкотирани од српската заедница.

Тие ги повикаа Косово и Србија „итно да работат на обезбедување стабилна, претставничка и партиципативна демократија во овие општини“.

Локалните избори на северот на Косово се одржаа на 23 април по оставката на градоначалникот од редовите на Српската листа – најголемата партија на косовските Срби – кој се спротивстави на одлуката на Владата на Косово да го спроведе процесот на пререгистрација од српски на косовски таблички.

Тие избори беа бојкотирани од мнозинското српско население во тој регион, кое сега не ги прифаќа резултатите, односно новите градоначалници од редовите на албанската заедница.

Излезноста на изборите во април беше 3,47 отсто од вкупниот број запишани избирачи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ