четврток, 25 јули 2024

Недостигаат онколози и патолози, Таравари најави мораториум за други специјализации

Министерот за здравство Арбен Таравари ќе бара мораториум за одредени специјализации за да се стимулираат онколози и патолози за кои има недостиг. На денешната прес конференција, по посетата на Клиниката за онкологија, Таравари кажа дека вчера именувал 12 нови медицински директори и дека се смешни обвинувањата дека се назначуваат само Македонци.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот веќе се информирал дека во земјата има доволно стручен кадар, кој може веднаш да се активира иако ќе поминат месеци, па и години, додека тие почнат да функционираат како што се очекува.

„Јас в понеделник ќе се видам и со деканот на Медицинскиот факултет, мислам дека ни треба стратегија за специјализации, особено за онколози. Добив информација дека не се повеќе од 50 онколози во целата држава, што е премала бројка за Македонија, а исто така и патолози. Од тука одам на Институтот за патологија да видам и таму како стојат работите, па заедно со деканот да организираме мораториум за одредени специјализации и да им дадеме предност и да ги мотивираме докторите што повеќе да специјализираат и онкологија и патологија“, рече министерот Таравари по посетата на Онкологија.

Тој кажа дека во следниот период ќе инсистира да се дозволат вработувања, за да не се преоптоваруваат вработените на оваа клиника.

„И така цела Македонија гравитира само тука. Се работи за 100 лежечки пациенти и 50 што се водат амбулантски. Ни преостанува идната недела да имаме конкретни барања од Клиниката и потоа заедно со директорот и со министерката за финансии да побараме, да вршиме притисок, по секоја цена да ѝ дадеме приоритет на Онкологија за да може нормално да функционира. Ваквото функционирање и за пациентите е тешко, меѓутоа, реално, за медицинскиот кадар е претешко“, рече министерот Таравари и нагласи дека ќе инсистира најбргу што може да се активираат амбулантите во Тетово и во ГОБ „8 Септември“, каде што, исто како и на Онкологија, има недостиг од кадар.

Таравари ги нарече смешни обвинувањата на опозицијата за именувањето на новите директори на клиники, меѓу кои немало Албанец. Министерот истакна дека, напротив, со неговото доаѓање на чело на ресорот здравство се зголемил бројот на директори Албанци во клиниките.

„Смешни ми обвинувањата бидејќи не ми изгледаат сериозни. Во тие клиники го избираме кадарот кој што е стручен. Имаме клиники каде што директорите се Албанци, некои Македонци, некои Турци. Мислам дека ни требаат директори кои се добри менаџери и успешни како кадри и не верувам дека процентот на директори Албанци сега е помал од порано. Дури со целосна одговорност можам да кажам дека е многу повеќе отколку што беше пред 3-4 месеци“, изјави Таравари.

Заедно со министерот во посета на Онкологија денес беше и новиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

„Не е случајност што се појавуваме заедно со министерот на Клиниката за онкологија. Заеднички ќе дадеме максимален напор јавните политики, што ги претставува министерот, и финансирањето, што го контролирам јас, да бидат усогласени, особено пред претстојниот ребаланс на државниот буџет“, рече Клековски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ