петок, 25 октомври 2024

Нe лажете госпоѓо Фон дер Лајен, Македонија не преземала обврска за автоетноцид!

Објавено на

часот

Сподели

Веќе одамна обраќањата на евроатланските империјално-колонијални фукционери не само што не се никаков интелектуален предизвик за „деконструкција“, не само што тие се обландирано (некогаш и експлицитно – да се потсетиме на „балканските методи“ на Хан!) навредливи спрема подредените колонии, туку се и блуткави до одвратност, која не произлегува толку од нивната латентно или експлицитно навредлива содржина, туку токму од недостигот на било каква содржина. Меѓутоа, она што ме наведе да Ви го напишам ова отворено писмо, госпоѓо фон дер Лајен, e Вашата безобразна лага изнесена како одговор на новинарското прашање за тоа дали смета[те] дека условувањата кон земјава за уставни измени се диксриминирачки дека Македонија презела обрврска како суверена (!) земја да ги спроведе тие уставни измени:„Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде како суверена земја на секој дел од патот. За мене е мошне важно тоа што имаме јасна цел.“ Итн. итн.

Не се сомневам дека работите, госпоѓо фон дер Лајен. Оние кои може со право да бидат обвинети за неработење се нашите новинари, кои удрија на тапанот (и тоа пак, онака, полусрамежливо) после „свадбата“, која почна уште со Лисабонската декларација кратко по „осамостојувањето“ на Македонија (која, колку и тоа да им е јасно на некои номинални „десничари“ кај нас, во Југославија била посамостојна од било кога во својата историја, за што има многу докази, но тоа е друга тема!) и кои сеуште неуко говорат за „европски вредности“. Ќе дојдеме наскоро и до овие „вредности“. Сепак, на самото дно е, како што Јозо Т. Бошковски би рекол, високоцветната „експертска фела“, академска и особено невладина, која го стиснала копчето „Европа“ и отишла на доживотен интелектуален платен одмор!

Вие, госпоѓо фон дер Лајен, со Вашата изјава само ја потврдувате неоколонијалистичката и неофашистичката политика на ЕУ кон Македонија. И додека расфрлањето со етикетата „фашист“ стана инфлаторно како чиста стигма, најчесто без соодветно покритие, со цел да се „канселира“ идеолошко-политички противник, јас ќе Ви понудам емпириско-теориско покритие и за двете квалификации кои Ви ги наречувам Вам и на Вашата Унија.

Ќе почнеме со неоколонијализмот, госпоѓо фон дер Лајен. Вашата Унија е многу повеќе изградена на темели од крв, пот, експлоатација, узурпација, освојување, пљачкосување, лажење и демагогија отколку на позитивни хуманистички вредности, кои неуките ги викаат „европски“. При тоа, да не се лажеме: жртви на овие ваши демократски пракси не биле само оние народи, раси и култури кои стоеле вон империјата, туку и самите Европејци кои припаѓале на ниските социјални слоеви. Тие се тоа токму и сега. Оние позитивни хуманистички вредности кои се присутни во Европа се пробивале повторно или најчесто со крв и пот (за што сведочат бројните револуции во Европа, почнувајќи од средновековните движења за враќање кон автентичните ранохристијански вредности и за реформи на подржавената, експлоататорска и феудална Црква – тогашниот еквивалент на Вашата Унија) или преку постапен интелектуален прогрес, чии проблесоци најчесто биле или кратки или асимилирани од владеачкиот естаблишмент: и во двата случаи, Вашата Унија ги узурпира вредностите на угнетените и ги претвора во политичка валута за остварување на социо-економска експанзија и доминација: вредностите на Исус од Назарет ги претворивте во покритие за феудален грабеж врз својот народ и врз народите на Ориентот (Крстоносните војни), вредностите на хуманизмот и индивидуализмот на просветителството ги претворивте во „човекови права“ кои повторно ви се покритие за политичко-дискурзивна контрола на колониите и вазалите (во кои се вбројува и Вашата „Северна“) или за политичко-дискурзивен притисок врз вашите геополитички ривали. Сега живееме во времето кога „човековите права“ ги заменувате со „(транс)родови права“ и дискурсот на групите за еманципација на сексуално маргинализираните/загрозените групи (раниот феминизам, движењата за права на хомосексуалците) како вашата најнова дискурзивна политичка валута.

Исто како што на Црквата не ѝ беше грижа за следбениците на Исус (впрочем, истите таа во најголем дел најригорозно ги прогонуваше, да ги спомнеме само бројните движења за доброволна сиромаштија и на мистицизмот), исто како што на политичките либерали не им беше грижа за достоинството на поединецот, туку за еманципација на буржоаскиот капитал поттикнат од можностите за експлоатација на природата (и луѓето!) отворени со индустриските револуции во XIX в., и така и вам, неолибералите, не ви е грижа за правата на родово маргинализираните групи, туку само за умножување и експанзија на Капиталот!

Овој долг увод беше неопходен за да дојдеме до Вашата Унија, госпоѓо фон дер Лајен: секогаш кога европскиот Запад политички се обединувал во нешто што личело на прото-европска Унија, тоа немало врска со хуманистичко-алтруистички вредности, туку или со насилно освојување (Крстоносните војни) или со трговија (Хансеатската лига) или со комплексот „варвари од исток“ (повикот за европско обединување и војни против Турците во доцното средновековие) или со реакционерски тенденции за конзервирање на постоечкиот поредок (Метерниховиот систем во првата половина на XIX век, кој имал за цел да ги угуши и превенира сите слободарски движења за поголема политичка и економска еманципација). Патем, токму овој комплекс „варвари од исток“ е катализатор на Вашиот, германски идентитет – имено, еден од доцносредновековните папи ќе ги потсети германските владетели (Македонија може само да учи за „антиквизација“ од Вашата Германија: тогашната германска држава се нарекувала себеси „Свето Римско Царство“!) на нивните воинствени германиски претци. Впрочем, со слично ѕвечкање на оружјето и Вие се служевте, потсетувајќи го Орбан неодамна на советската инвазија врз Унгарија. Се плашам дека овој текст ќе треба да се претвори во повеќетомна книга доколку Ве потсетам за злосторствата на Вашата Унија (разбрана како континуитет на пљачкашко-ограбувачко-хегемонски здружувања уште од средновековието наваму), или макар само и на злостроствата извршени и(ли) спонзорирани/одобрени од европските хегемони врз Македонија (теророт на Отоманската империја во 1903, андартскиот терор, Балканските војни, логорите во Грција, злосторствата на бугарскиот фашистички окупатор, бомбардирањето на цивилното македонско население со напалм во Граѓанската војна во Грција, масакрот врз цивили од албанските терористи во 2001…).

Дали сега ќе речете дека сето ова сме си го прифатиле како света обврска од Вашата Унија, госпоѓо фон дер Лајен? Наместо стварност, ни нудите дискурс, фикција, конструкт кој што сте го нагодиле специјално за нас, а во кој нема место за нас како Македонци. Замената на стварноста со (прескриптивна) фикција, пак, е сржта на легитимацијата на сите авторитарни и тоталитарни режими (Фанон, Арент): токму тоталитарните режими го достигнуваат својот зенит со целосна замена на стварноста со фикцијата (Арент), и токму Вие сега им октроирате таква фикција на Македонците. За Вас тие се империјалната колонија, а во колонијата, како што Арент подвлекува во нејзината дисекција на тоталитаризмот („Потеклото на тоталитаризмот“) не важат Вашите „либерални“ закони кои се на сила само во империјата, туку важи само законот на експанзијата, кој допушта сè (“балканските методи” на Вашиот колега Хан). Македонскиот дискурс за Вас е безвреден, затоа што не може да биде (гео)политички капитализиран, исто како што е случајот со палестинскиот, српскиот, каталонскиот, баскискиот, кубанскиот…

Во тој контекст, самата ЕУ почнува исто така како трговско-политички блок чија цел е да го надомести губењето на колониите на дел од нејзините основачи и да го префрли баластот на економската експлоатација како траен извор на внатрешноевропска нестабилност и масовни конфликти надвор од (Западна) Европа (т.е. империјата) во колониите: колонијалниот модел е усовршен во неоколонијален – сега колонизираните сами ги плаќаат колонизаторите да ги колонизираат (субвенционирани странски инвестиции кои експлоатираат туѓи ресурси и ефтина работна сила, автохтоно субвенционирани сили на законот и редот да го одржуваат неоколонијалниот поредок во содејство со „меката“ дискурзивна сила: невладин сектор, „јавно“ мислење, па дури и академската фела).

Посуптилниот Фанон во „Проклетите на земјата“ ќе го забележи истото, но со уште една нијанса: имено, насобраниот гнев кон (колонијалната) реланост колонизираниот секогаш најпрвин го истура кон својот брат по судбина. Вие овој механизам добро го познавате и го користите против колонизираните: во тој дух во Македонија октоиравте „камшикарска“ власт со политички садо-мазохистички нагон (садизам кон својот народ, мазохизам кон својот феудален господар – ЕУ, патем јасно изразен во неславниот политички фројдовски лапсуз на муртинскиот камшикар), која, како и секоја тоталитарна инсталација, е сведена на обичен извршител, на безлична функција. А нејината функција беше токму извршување на целосен етноцид врз Македонците, со што тој, номинално, би бил  автоетноцид („па вие [=вашата влада] си го направивте тоа!“).

Има многу причини да се мрази Советскиот Сојуз, госпоѓо фон дер Лајен. Проблемот е само, што, додека Вие (се преправате дека) го мразите него за Ваши империјални причини (стигмата фашизам / (советски) комунизам како политичка валута), истовремено најминуциозно ги применувате токму советските тоталитарни практики врз колонизираните, во случајов Македонците: исто како што комунистичката пропаганда го октроирала народот дека го пропушта возот на историјата, така и Вашите претходници ни местеа часовници; исто како што и Сталин  во 30те години на ХХ век донесе кукла-устав  како „симбол истовремено и на постоењето и на немоќта на Советите“ за потоа истиот да биде искористен како „трајна заднина за постојано беззаконие“ (Арент), така и Вие  (преку Вашите безлични експертско-политички инсталати) го користите македонскиот Устав како трајна заднина за постојано прекршување на меѓународното право и македонската државност.

Вашиот неоколонијален и неолиберално-фашистички свет, госпоѓо фон дер Лајен, се ближи кон својот крај. За нас Македонците и не е толку важно дали од тој крај ќе произлезе некое пософистицирано и(ли) побрутално политичко чудовиште или похумана политичка парадигма (во што се сомневам). Важно е да не завршиме заедно со еден политички поредок, кој никогаш не бил со нас, туку секогаш против нас и работел кон сеопшто раскрчмување на Македонија! Не ни требаат ниту Вашата „помош“, ниту „успехот“ според Ваша дефиниција, ни треба токму она што Вие номинално ни го подметнувате, за реално да ни го одземете уште од неславното „осамостојување“, почнувајќи од Лисабонската етноцидна декларација, преку идентитетско-политичките масакри врз македонската посебност (промена на знамето, Уставот, името): СУВЕРЕНИТЕТ!

           Филип Клетников

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ