Во октомври 2024 година, паричната маса се зголеми за 1,6% на месечна основа, како резултат на зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години, при остварен пад на готовите пари во оптек. Анализирано на годишно ниво, паричната маса бележи зголемување од 9,1%, во поголем дел поради растот на депозитните пари, при позитивен придонес и на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, додека краткорочните депозити забележаа пад.
Вкупните депозити во октомври, забележаа месечно зголемување од 1,7% поради растот на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните депозити од 11 % произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.
Во октомври, вкупните кредити остварија раст од 1,8% и 9,2% на месечна и на годишна основа, соодветно. Месечната и годишната промена се резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор, во октомври, е забележан месечен раст од 3,2%, којшто пред сè се должи на повисоките депозитни пари и краткорочни депозити во денари, при остварен раст и на долгорочните депозити, додека краткорочните депозити во странска валута забележаа пад. Споредено на годишно ниво, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 10 %, во поголем дел како резултат на растот на депозитните пари, а дополнителен позитивен придонес имаат и долгорочните депозити и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат намалување.
Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор5 остварија месечен раст од 2,8%, при годишен раст од 10,4%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута.
Вкупните депозити на домаќинствата, во октомври, се зголемени за 0,7% на месечно ниво, во целост како резултат на растот на долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на забележан пад кај краткорочните депозити и депозитните пари. Годишниот раст од 11,7% се должи на повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, додека краткорочните депозити бележат намалување.
Кредитите на домаќинствата во октомври забележаа месечно и годишно зголемување од 0,9% и 8,2%, соодветно. Промената кај двете основи произлегува од растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити како најзастапени категории бележат месечен раст од 0,9% и 1,1%, соодветно, како и годишен раст од 7,2% и 11,3%, соодветно. Овој месец, кај автомобилските кредити е остварено месечно и годишно зголемување од 0,9% и 13,6%, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички и негативните салда на тековните сметки, во октомври, се повисоки за 0,2% и 1,5%, соодветно, на месечна основа, додека на годишна основа бележат намалување од 8,5% и 0,8%, соодветно. Кај кредитите одобрени врз други основи е забележано месечно зголемување од 0,4%, во услови на годишен пад од 16,1%.