сабота, 19 октомври 2024

НАТО ја почнува својата најголема воздухопловна вежба: „Ова е јасна порака“

Објавено на

часот

Сподели

Вежбата „Ер дифендер 2023“ ќе трае до 23 јуни и во неа ќе учествуваат околу 250 воени летала од 25 земји членки и партнери на НАТО, меѓу кои и Јапонија и Шведска, која е кандидат за членство во воениот пакт.

Во вежбата ќе учествуваат околу 10.000 трупи, а целта е јакнење на интероперабилноста и заштитата од дронови и крстосувачки ракети во случај на напади на градови, аеродроми и пристаништа на територијата на НАТО.

Се симулира одговор на напад на земја членка на НАТО. Само САД учествуваат со 2.000 припадници на Воздухопловната национална гарда и околу 100 летала.

Вежбата е осмислена во 2018 година делумно како одговор на руското припојување на Крим во 2014 година, иако не е конкретно насочена против никого, кажа генералот Инго Герхарц, шефот на германските воздухопловни сили при претставувањето на вежбата.

Герхарц кажа дека вежбата е сигнал, пред сè до земјите од НАТО и нивното население дека можат да реагираат многу брзо, и дека би можеле да ја одбранат Алијансата во случај на напад.

НАТО е решителен да го брани „секој сантиметар“ на својата територија иако на пример, нема да се испрати ниеден лет во насока на Калининград, руската ексклава која се граничи со Полска и Литванија, членки на НАТО, кажа тој.

„Ние сме дефанзивна алијанса и така е планирана и оваа вежба“, кажа германскиот генерал.

Меѓутоа, таа има цел и да испрати порака, особено до Русија, им објасни на новинарите амбасадорката на САД во Германија Ејми Гутман. „Би била многу изненадена ако некој светски лидер не забележи што значи ова во смисла на духот на оваа алијанса, во смисла на силата на оваа алијанса, а тука е вклучен и господинот (Владимир) Путин“, кажа таа, додавајќи дека земјите ја зголемуваат својата сила.

Нападот на Русија на Украина во февруари 2022 значеше дека НАТО треба сериозно да почне да се подготвува за можноста за напад на своја територија, наведува агенцијата Асошиејтед прес.

Финска и Шведска кои долго ја чуваа неутралноста за да избегнат каков било конфликт со Москва, исто така побараа да станат членки на НАТО по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022.

Вежбата вклучува и оперативна и тактичка формација, главно во Германија, но и во Чешка, Естонија и Летонија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ќе ги посети во петок пилотите на аеродромот Шлезвиг Јагел, на северот на Германија. Генералот Мајкл Ло, директорот на американската воздухопловна национална гарда оцени дека НАТО се наоѓа на пресвртница.

„Многу нешта се сменија во светскиот стратегиски пејзаж, особено во Европа“, кажа тој.

Истакна дека целта на вежбата е да се заокружи постојаното присуство на САД во Европа и да се пружи поширока обука од онаа која обично се добива на континентот.

На прашањето за потенцијалното нарушување на цивилниот воздухопловен сообраќај за време на вежбата, генералот Герхарц кажа дека во планирањето на вежбата е направено сè што е можно да се ограничат доцнењата и откажувањата на летовите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ