вторник, 22 октомври 2024

Наплатата на долговите и платите на јавните обвинители денеска на дневен ред на Уставниот суд

Уставниот суд денеска одлучува по седум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и едно барање за заштита на слободите и правата помеѓу кои се и Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи во делот на наплатата на долговите и Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители.

Објавено на

часот

Сподели

Според подносителот на иницијативата за Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, новите измени ги ограничуваат доверителите да си го наплатат долгот утврден со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, односно да го наплатат долгот по присилен пат, што, според подносителот е спротивно на Уставот, Универзалната декларација за правата на човекот и спротивно на Протоколот на Европската Конвенција за човековите права.

Што се однесува на започнатите постапки за наплата на долговите подносителот на иницијативата смета дека тие ќе завршат согласно актуелниот закон и наведува дека тоа ќе предизвика нееднаквост помеѓу доверителите, пред и по влегувањето во сила на измените на Законот за облигациони односи.

Според втората иницијатива за истиот закон, подносителот смета дека со примената на измените одредени доверители кои сакаат да си ги наплатат долговите ќе бидат ставени во нееднаква и нерамноправна положба што ќе предизвика нивна дискриминација за сметка на должниците кои ќе бидат ставени во поповолна положба.

Наведено е дека оваа одредба ќе предизвика последици не само на правната држава, туку и други области како економијата, банкарството, финансискиот систем, странските инвестиции и измените кои се оспорени директно влијаат на финансиската дисциплина во државата.

На денешната седница ќе се решава и по иницијативата во која е оспорен Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители, каде подносител е Здружение на јавните обвинители.

Според наводите во иницијативата со донесените законски измени се интервенира во платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавни обвинители на начин што се намалува коефициентот за утврдување на платата, а со самото тоа се намалува и висината на платата ако се земе предвид дека основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Се наведува дека вака донесените законски измени претставуваат директна, законски забранета интервенција во платите која ќе резултира со намалување на платите со што се доведува во прашање уставно востановениот систем на поделба на власта, владеењето на правото и уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство.

Според подносителот, оспорените законски измени не се во согласност со Уставот кој забранува повратно дејство на законите и другите прописи имајќи во предвид дека во оспорените закони е пропишано дека коефициентите за утврдување на платите ќе започнат да се применуваат со исплатата на платата за месец февруари 2024 година, а од друга страна и во двата закони е пропишано дека влегуваат во сила со денот на објавување во Службен весник.

На денешната седница ќе се расправа и за иницијативи во кои се оспорени делови од Кривичниот законик, од Законот за бесплатна правна помош, од Законот за општата управна постапка, Правилникот за постапката за донесување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденција на доставените колективните договори и нивните измени, од Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија како и едно барање за заштита на слободи и права и повеќе предлози за одлучување со нацрт-одлуки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ