вторник, 22 октомври 2024

Наместо за предвремени избори парите да се насочат за поголеми плати на новинарите, предлага Мицкоски

Наместо да се трошат парите на граѓаните за предвремени локални избори во општините каде што градоначалниците станаа пратеници или министри, мандатарот на новата влада, Христијан Мицкоски предлга тие, како што рече на денешната прес конференција, да се искористат за поголеми плати на новинарите.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„Нема проблем. Што се однесува до нас ние сме подготвени утре да одиме на избори. Но дали е тоа разумно? Дали треба вашите мачно заработени пари да ги трошиме затоа што некој така мисли? Го повикуваме Уставниот суд да се произнесе дали предлог-законот е уставен. Зошто да трошиме милиони кога тие пари може да ги намениме, на пример, за субвенционирање на придонесите на новинарите, а вие да земате поголеми плати“, рече Мицкоски.

Новото владејачко мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе предлог-закон со кој ќе треба да се избегнат годинава избори за градоначалници во оние општини во кои градоначалниците станаа пратеници или ќе имаат владина функција. За да се изгласа овој закон и кон крајот на идната година во редовниот термин да оди на избори во сите општини, потребно е двотретинско и бадентерово мнозинство. Претседателот на Собранието Африм Гаши на почетокот на месецов изјави дека земјава е исправена пред предизвик и оцени дека е спротивно на Уставот некој да се избере со четиригодишен мандат, а некој да се избере со исти гласови на избори со мандат од осум месеци.

Инаку, денеска, на прес-конференцијата, Мицкоски на новинарски прашања, на забелешката дека идниот вицепремиер и министер за односи со заедниците, Иван Стоилковиќ има проруски и про-путин и про-вучиќ ставови, одговори дека не дели такво мислење.

„Секој член на оваа влада мора да има промакедонски позиции и секој кој ќе излезе надвор од оваа патека, без разлика на ‘про’ какви било позиции, повеќе нема да биде дел од оваа Влада. Промакедонска позиција подразбира и стратешкото ориентирање на Македонија, а тоа подразбира силен партнер во НАТО Алијансата и земја која еден ден од денеска ќе биде членка на Европската Унија, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по поднесувањето на предлогот за состав на владата.

На прашање што доколку Стоиљковиќ биде ставен на црна листа на САД поради неговите средби во Москва, Мицкоски одговори дека „тој е човек кој е дел од коалицијата ’Твоја Македонија’ предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

„Тој е мој соработник и јас верувам во неговата чесност, искреност и промакедонски, протатковински ставови“, рече Мицкоски, а на прашањето за безбедносен сертификат, тој одговори дека и претходно во владата имало членови кои немале таков сертификат.

Во врска со критиките од СДСМ, Мицкоски повторни дека нема да се меша во внатрешните случувања кај политичкиот противник

„Не сакам да им го правам тоа на луѓето кое не сакам луѓето мене да ми го прават. А, за жал, во изминатите шест и пол години имаше разноразни сценарија коишто беа мотивирани од нашите политички противници да дојде судниот ден на ВМРО-ДПМНЕ, додека се борев заедно со моите соработници да ја консолидирам партијата. И очигледно успеавме во тоа, денеска ВМРО-ДПМНЕ е убедливо најголемата политичка партија“, истакна Мицкоски.

Нагласи дека таа отвореност за дијалог и соработка важи за сите политички партии, порачувајќи „да не ни се случуваат грешките од минатото бидејќи на тој начин се слабеат позициите на државата, а истовремено се создава поголема фрустрација кај граѓаните“.

На новинарско прашање поврзано со пораката на поранешниот медијатор во спорот за името, Метју Нимиц, дадена вчера од Атина, дека не треба да живееме во илузии, туку да го почитуваме Преспанскиот договор, бидејќи живееме во опасни времиња, Мицкоски одговори дека тој нема илузии туку дека живее со реалноста, а таа е дека Македонија беше излажана и наместо членство во ЕУ, доби блокада во интеграцискиот процес.

„Излажаа народ којшто како ниту еден народ во Европа, најпрво се откажа од своето знаме, потоа се откажа неколку пати од Уставот, на крајот и од своето уставно име. И за жал уште сме во чекалницата на ЕУ, не сме ниту на масата. Јас мислам дека треба да поведат сметка за своето поведение, кога коментираат кој и како живее во илузија. Јас живеам во реалноста, а реалноста е тешка и мачна за мене., додека некој ужива во прва класа авионски и прекуокеански летови и во супер луксузни хотели“, изјави Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ