недела, 14 јули 2024

Наместо свежина крај Вардар, од Вардариште не се живее

Жители на Ново Лисиче и спроти нив, делот од Гази Баба преку реката Варадар, утрово се жалеа на смрдеа во воздухот, на печење во очите и, наместо утринско разладување на становите пред пеколната горештина, ги затвораа прозорците. Луѓето што чекаа автобус за да одат на работа се прашуваа меѓу себе од што е миризбата. И, подоцна, околу 9 часот, Центарот за управување со кризи – ЦУК, објави дека горела депонијата Вардариште. Гореле гуми1 Загаденоста со ПМ честичките, како во најлошите зимски магливи денови, достигна високи концентрации. А, Вардариште ќе било „мега – парк!

Објавено на

часот

Сподели

„Пожарникарите интервенирале за гаснење во Гази Баба кај депонија Вардариште (гореле гуми и ниска вегетација, а е изгорена површина 1 хектар)“.

Ова е „сувата“ информација од Центарот за управување со кризи.

Домашната интернет страница Еко пулс, која го следи квалитетот на воздухот во неколку градови, утрово околу 9 часот регистрира големо загадување на воздухот токму во овој дел од Скопје. Како што се гледа од фотографијата, само овој дел е обоен со црвена боја и покажува висока концентрација на ПМ честички, радикално повеќе од кој било друг дел на градот.

Сигурно е дека загадувањето било уште поголемо во раните утрински часови. А тоа може да се види во близината на Металски завод Тито, графиконот „отскокна“ некаде околу 4 часот утрово, со првото ветре.

Што да речат околу 50 илјади граѓани од двете општини Гази Баба и Аеродром, пред се од населбата Ново Лисиче, до кои допира аерозагадувањето од депонијата Вардариште и кои при секоја лоша миризба се прашуваат – до кога? Жителите на новите згради од другата страна на Вардар, спроти „авиончето“, а во Гази Баба, се жалат дека затвораат прозорци и од незаштитените градилишта на нови згради, од каде допира видлива прашина која постојано се брише, а нивните автомобили се најредовни посетители на сервисите за миење на коли.

Жителите од двете страни на Вардар веќе не им веруваат ниту на општинските, ниту на градските, ниту пак на централната власт. Вообичаено се читаат изјавите дека се нема надлежност, дека кај друг е одговорноста, а „топката“ се префрла, фрла, на крајот се отфрла и ја снемува некаде во огнот на Вардариште.

Од време на време, вообичаено пред избори, добиваат ветувања дека Вардариште ќе биде средено, дека тоа ќе биде оплеменет простор, а последното ветување беше дека тоа ќе биде мега-парк.

„За прв пат по 60 години отпочнуваме со целосно чистење и санација на старата градска депонија Вардариште, актуелното градско раководство го направи она кое што не му успеа на ниту едно претходно, а тоа е да стави крај на една од најголемите опасности по животот и здравјето на граѓаните во Скопје“, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на 27 јануари годинава, а нејзината служба направи серија фотографии за медиумите.

Тука ќе има спортски игралишта, стадиони, клупи, видиковци, цел зелен комплекс – мега парк со рок на изградба од 26 месеци.

„Со заедничка активност на Градот Скопје и јавните претпријатија Комунална хигиена Скопје, Улици и патишта, Паркови и зеленило и сите расположливи ресурси на градот, ставаме крај на оваа депонија“, рече Арсовска.

И од Градот и од државните инспекции беше најавувано дека просторот ќе биде обезбедуван за да не „работат“ преработувачите на старо, за да нема нови пожари, а со тоа и избивање на токсичните гасови што тлеат под слоевите ѓубре, за да нема нови горење на гуми заради металната структура во нив.

Рокот за отворање на мега паркот е 26 месеци, почнувајќи од тој јануари годинава. Да видиме… Но, дали и дотогаш ЦУК ќе информира за горење на гуми и други ѓубришта?

П.Џ,

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ