вторник, 22 октомври 2024

Наместо според ранг листа, АВРМ исплаќала субвенционирање на плати по принципот прв дојден прв услужен, констатира ДЗР

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законите, упатствата и воспоставените политики во работата на Агенција за вработување (АВРМ) за 2022 година, соопшти денеска ДЗР.

Објавено на

часот

Сподели

Со спроведената ревизија ревизорите утврдиле дека исплатата на пари за паричен надомест во случај на невработеност во 2022 година се во висина од 1.407.710 илјади денари, што претставува 42,62 отсто од вкупните расходи на АВРМ, и во однос на 2021 година исплатениот износ бележи намалување за 116.247 илјади денари.

Со проверка на функционирањето на постапката за остварување на право на паричен надоместок на избран примерок на предмети за 2022 година ревизорите утврдиле дека кај дел од анализираните предмети документацијата е некомплетна, а дел од документацијата се обезбеува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок.

За реализација на вкупно 14 програми и мерки за вработување предвидени со Оперативниот план во 2022 година исплатени се вкупно 1.420.003 илјади денари односно 43 отсто од вкупните расходи на АВРМ. Овој износ бележи зголемување во однос на 2020 и 2021 година и тоа за 148.902 илјади денари во однос на 2020 година, или во однос на вкупните расходи на АВРМ за овој период се јавува зголемување од 4 отсто.

Со анализа на поединечните мерки ревизорите утврдиле дека за три мерки – субвенционирање на плати, вработување и раст на правни субјекти и практикантство за кои е исплатен вкупен износ од 468.126 илјади денари во Оперативните упатства-1 и Оперативниот план-2 не се вклучени одредби врз основа на кои ќе се изработат ранг листи на лица на кои ќе им бидат одобрени средства и лица кои ќе бидат одбиени во случај на поголем број на пријавени кандидати при што усвоена е пракса за одобрување на апликациите по принцип прв пристигнат прв услужен.

При распределбата на средства ревизорите утврдиле дека не е почитуван принципот на рамномерен регионален развој на осумте плански региони на начин на кој е дефиниран во Оперативните упатства и Оперативниот план. Притоа за дел од планските региони се исплаќа повисок износ на средства во однос на утврдените проценти за учество во Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеноста. Повисок износ е исплатен во скопскиот плански регион и планските региони во западниот дел од земјата при што во поединечни случаи надминувањето е и двапати поголемо, додека за планските региони од централниот и источниот дел на земјата е исплатен понизок износ од утврдената квота со одлуката.

Во делот на административното работење на АВРМ ревизорите утврдиле слабости во делот на пописот на опремата и усогласување со податоците во сметководствената евиденција со фактичка состојба во однос на сметководствената евиденција на залихата на материјали но и не воспоставен контролен механизам за следење на побарувањата по основ на остварените приходи од неуплатен придонес за вработување и невоспоставена меѓуинституционална комуникација за евиденција на пресметана обврска за уплата на сите обврзници.

„Слабост е утврдена и во исплатата на додаток на плата заради зголемен обем на работа за кој не постои соодветен законски основ и без утврдени критериуми за избор на вработените лица кои го добиваат овој додаток, во ангажманот на лица вработени на определено време за вршење на редовни работни задачи при што се надминуваат и временските лимити за нивни ангажман како и слабости во интерните контроли во врска користење на средствата доделени за активните мерки за вработување. Тие се слаби, при што кај поединечни ЦВ не се врши проверка и одобрување од страна на одговорните лица на доставените про-фактури и фактури кои се однесуваат за набавките на материјал/опрема услуги и изградба, дел од средствата се ненаменски потрошени за набавки кои не се поврзани со доставените бизнис планови на корисниците на средствата“, констатирале ревизорите.

Во делот на останатите прашања ревизорите меѓу другото ги истакнуваат прашањата поврзани со утврдените состојби во делот на недоречености во делот на правната рамка која обезбедува услови за остварување на правата од ПН кои придонесуваат за невоедначена примена во пракса, кои се однесуваат на начинот на пресметка на висината на паричниот надоесток при работа со неполно работно време и на условите за престанок на правото на паричен надоесток, се наведува во соопштението од ДЗР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ