сабота, 19 октомври 2024
По две години на чело со Арсовска

Наместо да стане метропола со бесплатен превоз, во Скопје нервите ќе ви пропаднат во уличните дупки и метеж

Скопско октомвриско утро, ќе речеш рано е, зашто е 7 часот, ама веќе е бучно од многуте возила зад нас, пред нас, до нас. Црвениот „лондонски“ двокатен автобус се ниша како да плови по немирен Вардар од збрчканиот и рошав асфалт. Турбуленциите во нашиот автомобил од многуте дупки нѐ расонија и со широко отворени очи ја следиме реката од возила пред нас. На радост на малите гуми, има и куси делници со нов асфалт, па одеднаш гледаш дека колата знаела речиси бесшумно да лизга. Од вториот кат на автобусот патниците гледаат како автомобилите под нив се обидуваат да се престројат во друга лента.

Објавено на

часот

Сподели

Како што отчукува часовникот, така се збиваат редовите возила, а „реката“ се издолжува до недоглед. Малку по 7.30 часот како да се случи сообраќајно цунами. Забрзани луѓе по тротоарите како сега излезени мравки од мравјалник, од автобусите истрчуваат десетици луѓе, исто толкав број се на штрек да втрчаат внатре. На автобуската станица триесетина – четириесет луѓе, кој ли ќе ги избори додека поминуваме, го чекаат својот број.

Градот е така живнат како да се очекува невреме.

Проблемот не е тешко да се увиди. Потребно е решение за метежот, особено за утринскиот, и потоа за оној околу 16 часот.

Ниту еден проблем не заминува сам. Скопјани пред две години решението го видоа во еден лик, во Данела Арсовска. И повеќето одлучија таа да го води главниот град. Ѝ дадоа доверба и стана првата жена градоначалник на Скопје.

На половина од мандатот, дијагнозата е иста, па и бетер – стресен метеж, со улици и булевари што се идеални само за во нив да ви пропаднат нервите.

д

ЈСП: Не може да има бесплатен превоз без нови автобуси и поддршка од советниците

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје располага со 357 возила, а од нив низ скопските улици сообраќаат околу 250 до 280 што се во исправна состојба. Другите немаат сила и одмораат во некоја од двете гаражи во Скопје, онаа во Автокоманда и во Ѓорче Петров. Во оваа статистика, односно во бројката од 357 возила се наоѓаат и возила што се предмет на расходување. Во просек дневно низ главниот град се движат околу 239 возила. Во ЈСП има МАН автобуси со еуро 6 еколошки стандард што користат ЦНГ, потоа јутонг (двокатни и минибуси) со еуро 5 еколошки стандард, дизел, како и ЛАЗ автобуси што имаат еуро 4 еколошки стандард, дизел.

Редакцијата на МКД.мк го праша ЈСП дали за нив е остварливо ветувањето на градоначалничката Арсовска за воведување бесплатен превоз и што ќе значи тоа за претпријатието во делот на финансиите. Од таму велат воведувањето бесплатен превоз ќе значи и поголем интерес од страна на граѓаните, но и поголема побарувачка на автобуси, кои без набавката на нови еколошки автобуси која ја вети градоначалничката, не може да се оствари.

д„Воведувањето бесплатен јавен превоз е едно од ветувањата на градоначалничката Арсовска, на кое се работи во континуитет преку консолидација на работата на јавното сообраќајно претпријатие. Поентата на бесплатниот јавен превоз, покрај еколошката димензија, е да биде и безбеден и сигурен, а за тоа неопходно е да се обезбеди соодветна инфраструктура. Доколку се воведе бесплатен превоз, со тоа значително ќе се зголеми интересот и бројноста на патниците, а ние мора да бидеме подготвени за ваквата реакција, пред сѐ преку обновување и зголемување на возниот парк на ЈСП Скопје. За жал, одлуката за набавка на нови еколошки автобуси предложена од градоначалничката Арсовска веќе неколку пати е одбиена од страна на Советот на Град Скопје, без чија согласност тие не можат да се набават. Вториот услов за воведување бесплатен јавен превоз е покривање на сите трошоци преку субвенции од страна на Град Скопје, бидејќи повеќе нема да постои прилив на финансиски средства од купени карти. За ова, повторно, потребни се соодветни одлуки и поддршка од страна на Советот на Град Скопје“, стои во одговорот од ЈСП до МКД.мк.

„Градската мајка“ Арсовска смени четворица директори во ЈСП, Кристијан Чушков до 14 декември 2021, па в.д. Иван Илиевски од 15 декември 2021 до 4 мај 2022 година, па в.д. Александар Стојковски од 13 мај 2022 до 11 април 2023 година, и сега од 12 април 2023 на челната позиција на ЈСП е в.д. Крсте Петревски.

Во периодот од октомври 2021 година до октомври 2023 година ЈСП Скопје нема потпишано договор за набавка на нови автобуси.

Од претпријатието велат дека за ваков каков што сега е превозот, односно со билети кои не ја променија цената во овие 2 години и со бесплатен превоз само за учениците и пензионерите, претпријатието има доволно пари за сервисирање на автобусите, како и нивно танкирање.

д

За сега, ако не сте во онаа категорија за бесплатен превоз, можете на картичката Скопска да ставите 10 возења за 250 денари, кои треба да се искористат во рок од 15 дена, да ставите колку сакате возења по 35 денари со неограничено време. Се плаќа и со мобилен внатре во автобусот со регистрација на апаратот за 45 денари или кај шоферот, каде што карта е 50 денари, ако ја има.

Арсовска не може да набави нови 250 автобуси, а за тоа, вели, е виновна ниската свест на советниците

Нетранспарентноста и избегнувањето на медиумите станаа главни особини на градоначалничката Арсовска за овие две години. Но за среќа, редакцијата на МКД.мк по еднонеделни јавувања и ветувања, успеа да добие куси, но сепак одговори од Град Скопје на нашите прашања за набавката на 250 нови автобуси, како и ветувањето за бесплатниот градски превоз на сите граѓани.

Прашањата од редакцијата на МКД.мк беа поврзани со постапката за набавка на нови 250 еколошки автобуси и дали граѓаните ќе може да се надеваат дека овие големи возила во скоро време ќе може да ги видат низ градските улици, или што направил Град Скопје досега за да почне реализирањето на ова ветување, како и дали тоа ќе добие завршница до крајот на мандатот на Данела Арсовска. Исто како и колку пари се потребни за набавка на овие 250 автобуси и како Град Скопје ќе ги обезбеди овие финансиски средства, со оглед дека поврзано со ова е и ветувањето за бесплатен јавен превоз. Како и дали сообраќајниот метеж ќе стане минато и ќе има ли бесплатен превоз за сите граѓани…

„Пред советниците беше доставена одлуката со која требаше да почнат сукцесивно да се набавуваат 250 екоавтобуси, меѓутоа кај нив, за жал, свесноста не е на тоа ниво да разберат дека за нашите граѓани е неопходно да имаат јавен превоз со кој ќе стигнат до секоја можна локација. Апелирам во интерес на граѓаните да ја изгласаат оваа одлука, затоа што ова е нешто што не би требало да има политичка заднина, е ставот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска“, стои во одговорот од Град Скопје до МКД.мк.

д

За бесплатниот превоз од Град Скопје ни одговорија дека овој проект ќе следува во текот на 2024 година.

„Во делот на бесплатниот јавен превоз, градоначалничката Арсовска најави дека ова е проект што ќе се буџетира во 2024 година. Одлуката ќе биде ставена пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година“, додаваат од Град Скопје.

За овие прашања, ги прашавме и граѓаните, но ретко кој од нив верува во бесплатен превоз. Оптимисти беа само дел пензионери, кои и онака се возат без пари.

Другите, односно најголем дел граѓани ни кажаа дека не сакаат бесплатен, туку квалитетен превоз, со кој на време ќе стасаат од една до друга дестинација, како и автобуси во кои нема да се „варат“ на лето на високите температури кога, како што велат, некои возачи возат со отворени врати, бидејќи нема клима. За зимата што ни претстои, велат со насмевка, останува да видиме дали ќе се возиме со по две јакни или ќе се радуваме оти во автобусите топлиме коски за без пари.

д

Времето од две години, колку што е Арсовска на градоначалничката функција, ги олади верувањата кај граѓаните во нивните ветувања, но затоа топлото сонце во октомври нѐ грее и во есен.

Додека го чекаме бесплатниот превоз во Скопје и новиот лик на европска метропола, ќе се надеваме дека сите еден ден ќе се разбудиме во таков град, бидејќи надежта нели, последна умира. 

И ако денот по утрото се познава, се чини дека деновите низ Скопје се како да трчаш маратон, но немаш простор за големи чекори, особено ако си на автомобилски или автобуски тркала.

                                                                                                          Катерина Додевска

                                                                                                     Фото: Роберт Атанасовски 

 

Со овој текст, МКД.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ