сабота, 19 октомври 2024

Најави без реализација: Македонија остана единствена држава во регионот без спортски канали на свој јазик

Кога во ноември 2021 год. Владата на Заев донесе препорака сите радиодифузери кои реемитуваат канали со спортска содржина да се локализираат на официјалните јазици во нашата држава, јавноста прокоментира, “најпосле некој да се грижи за идентитетот и заштитата на македонскиот (и албанскиот) јазик“. Оваа препорака имаше јасни цели, пред се заштита на посебноста на официјалните јазици, а со тоа и посебноста на идентитетот, овозможување на мајчин јазик да се следи програма која покрива важен аспект од интересите и развојот на младите генерации и секако, поттик за развојот на спортското новинарство. Од тогаш поминаа 3 (и со букви: ТРИ) и кусур години. Локализација нема. За три години, по земјотресот, Скопје беше изградено во нов модерен град, војната во БиХ почна и заврши во три години, три години се безмалку еден олимписки циклус, или еден владин мандат…

Објавено на

часот

Сподели

Но, три и кусур години, замислете, не се доволни да се локализираат спортски канали. Тоа е така само во оваа наша Македонија. Во Хрватска и Словенија на пример, странските редиодифузери со спортски канали ниту почнуваат со реемитување ако не се локализирани. Спорт клуб во Македонија реемитува од 2011-та, цели 13 години. На српски или хрватски, како ќе “боцне“ кабловската што реемитува. Арена спорт е присутна скоро ист период и емитува на српски со ретки исклучоци на натпревари од домашните првенства и националниот тим. Јунајтед група, како сопственик на Спорт клуб, има свои кабловски мрежи со спортски канали и во Бугарија и Грција. Таму се коментира, погодувате – на бугарски и грчки. Дали во Бугарија и Грција би било можно на пр. германската лига да оди на српски? Ај да видиме и поинаку… Доколку во следниот период некој бугарски спортски канал ги купи ТВ правата на еминентна лига и за територијата на Македонија, дали ќе мора истото да го следиме со бугарски коментар? Или Грчки? Или Турски? Има ли овде народ со свој посебен јазик? Го почитува ли некој? Го штити ли некој?

ОДГОВОРИ БЕЗ ОДГОВОР
Ова беше повод да се обратиме до поранешната Влада со прашања: по донесувањето на препораката, пред 3 години, какви чекори превзеле во овој правец, дали имаат информација зошто не се спроведува препораката и дали имаат намера да превземат нешто доколку препораката се игнорира? „МТел“ и „Арена спорт“ ги прашавме зошто и во Македонија не спровеле локализација пред стартот на реемитување како во другите држави од поранешната ЈУ, дали период од три и повеќе години не е доволен за спроведување на Владина препорака и, ако веќе најавија локализација, за кога го предвидуваат нејзиниот почеток?

Владата кусо ни одговори дека донела препорака и дека не се меша во работата на радиодифузерите, а од „МТел“/„Арена“ добивме одговор дека процесот е во тек и кога ќе има нешто ново ќе нѐ информирале. Со други зборови, првите не превзеле ништо конкретно, а вторите купуваат време, досега цели 3 (и со букви ТРИ) години… ако воопшто и имаат намера да ја почитуваат препораката и гледачите во земјава. Македонија е единствената држава на Балканот и пошироко што нема локализирани спортски канали. Како и другите во регионот и во Европа, нашиот закон во оваа смисла се повикува на Европската конвенција за прекугранична телевизија и Европската директива за аудиовизулени медиуми. Таму стои дека странските телевизии можат слободно да се реемитуваат на територијата на друга држава, но не ги ограничува државите сами да го регулираат прашањето за локализација било со закон во Парламентот или со подзаконски акт, одлука, инцијатива или препорака на Владата или Министерствата. Акти за кои Владата секако има инструменти и да ги спроведе. Италија, Франција, Германија, исто така се придржуваат до Конвенцијата, но имаат и своја регулатива во оваа смисла и, нормално, сите спортски канали одат на нивните локални јазици. Зошто Арена и СК локализираат на пр. во Хрватска и Словенија, а Македонија не ја есапат? Дали Владата и регулаторните тела, а со тоа и народот и граѓаните овде, ги сметаат за маргинални, без сила, воља и желба да ги заштитат на своите интереси? Дали се сметаат за доволно моќни да не спроведат препорака на Влада? На препораката на Владата двете компании реагираат навидум на различен, но во основа ист начин: Арена спорт ја прифаќа, но освен што ветува, не превзема ништо цели 3 (и со букви: ТРИ) години, а Спорт Клуб едноставно ја игнорира. Јака препорака!

ГОЛЕМ ИЛИ МАЛКУ ПОМАЛ ЌАР
Според информациите што циркулираат во јавноста, двата радиодифузера дебело го наплатуваат реемитувањето на своите спортски канали кај нас. Сумите на годишно ниво се повеќемилионски. Во евра. Спроведувањe локализација би ги чинело само еден мал фрагмент од тоа што претплатниците го плаќаат за нивните канали. Не оние во Србија, туку овие, овде во Македонија. Според официјалните податоци, преку 90% од населението користи услуги на Јавни електронски комуникациски мрежи (кабловски), што се окулу 450 иљади платени приклучоци. За радиодифузерите со спортски канали прашањето за локализација, од финансиски аспект, се сведува на тоа дали ќе имаат голем или малку помал ќар. Не збориме за загуба, ниту за позитивна нула. Значи, сета добивка или само малку помала, а со тоа да ги испочитуваат претплатниците и да им овозможат да ја следат спортската програма на мајчин јазик. Како и секаде во Европа која нашата Влада, но и газдите на овие радифузери, не ја вадат од уста. Препораките на ЕУ го манифестираат интересот и вољата на жителите на унијата, а таа воља ние како кандидати за влез и интеграција во нивното стопанство, не можеме, ниту смееме да ја игнорираме. Препораките на нашата Влада ја манифестираат волјата на граѓаните во чиј интерес таа постои и работи (или барем така би требало да биде). Оние субјекти на кои им е овозможено да стопанисуваат и остваруваат профит овде, од џебот на граѓаните на оваа земја, смеат ли да го игнорираат нивниот интерес изразен преку препорака на Владата? Ако го игнорираат, може ли Владата да најде начин да го спроведе? Ако сака… Но, не… преку 13 години овие радиодуфузери реемитуваат без почит за граѓаните што плаќаат за нивните спортски канали. А Владата? Таа дала препорака и … толку! Точно е, Владата нема ингеренции да се меша во уредувачката политика ниту на домашните ниту на странските радиодифузери. И така треба да биде. Но, има ли ингеренции во однос на заштитата како на дигнитетот, така и на џебот на граѓаните (потрошувачите) што ги претставува? Дали нашите претплатници се помалку вредни од оние во другите земји каде што е спроведена локализација? Дали денарите, во милионски износи, се помалку вредни од куните, динарите, толарите, левовите? Дали некој следи што за своите пари добива нашиот, а што претплатникот, на пр. во Хрватска, од истиот радиодифузер? Не е ли тоа омаловажување, потценување? Никој не бара Владата со сила да спроведе нешто. Но, ако постои меѓусебна почит, секоја препорака може да се реализира. Така своите препораки, преку своите комисии, ги реализира и ЕУ. Се разбира, ако нашиот доносител на препораката имал искрена намера и ако таа не е само чин на ефтин популизам. Ако пак разговорите не помагаат и радиодифузерот нема почит кон Владата, државата и народот, тогаш може и со Закон и рокови. Има и такви примери во Европските држави.

СПОРТСКО НОВИНАРСТВО – МИСЛЕНА ИМЕНКА
Од друга страна, поранешната Влада во својата програма го најави зголемувањето на вработеноста како една од главните цели. Ако ја спроведеше сопствената препорака низ овие три години, Владата ќе овозможеше преку 120-тина работни места за новинари, ТВ техничари, ИТ инженери и друг персонал во двата радиодифузера со спортски канали. Малку се 120-на вработувања? Зарем ова не им беше доволен мотив за максимален ангажман во правец на реализација на препораката? Тоа се стотина семејства со барем еден или уште еден вработен. Ако овој егзистенцијален аспект не им бил доволна мотивација, тогаш следниот сигурно не им бил ни во видоглед: освен на МРТВ, спортска програма нема на другите национални телевизии! Спорт нема на К5, Сител и Алфа, а на Телма едночасовна емисија, додека на 24-ка има само спортски вести. Цела една гранка во новинарството замира. А со неа, полека но сигурно ќе замре и домашниот спорт… Владата препорачала и не се меша! Имаше она поважни работи од вработувања, јазик, идентитет, заштита на ТВ консументите, спортот… Нас Европа не чека, еве само уште бугарите…

НЕЗАВИСНА БАНОВИНА
Во Македонија на кабловските мрежи се емитуваат 25 спортски канали, најголемиот дел на српски и по некој на хрватски јазик. Притоа уште 20-тина информативни, колажни, филмски (со српски испишан превод), 20-тина музички, дури и детски канали, се на се, преку 60, сите на српски јазик. Повеќе од половина од сите достапни. Дали Владата чула за изразот “мека моќ“ (soft power)? Според енциклопедија Британика тоа е: “Способност да се привлече, кооптира, асимилира наместо да се присилува, а вклучува обликување на преференциите на другите (народи/држави) преку економско, културно и друго влијание“. Звучи познато? Бугарија џабе не инсистираше да се емитува бугарски ТВ канал на нашите кабловски мрежи, а самата не почна со емитување на македонски кај нив. Гледано од овој аспект, Владата има некакви ингеренции или не? Води некој сметка за овој аспект? Ако воопшто им текнало на ова, дали можеби сметаат дека против ваква јазична инвазија може да се справат со препораки коишто оние на кои им се упатени и не мора да ги спроведат, како им се сака. Препораката е во ред ако Владата навистина следи како се реализира, па дури на некој начин и го олеснува нејзиното спроведување. Така прави и ЕУ со своите препораки. Тажно, но и индикативно е што повеќе од една деценија ниту Владите, ниту надлежното министерство, ниту регулаторното тело ама баш ништо не сториле во врска со ова.

Во јавноста веќе беше објавено дека Арена спорт ќе локализира 5 канали на македонски и 5 на албански јазик од 1-ви јануари, а МТел Македонија на својата веб страна објави дека “наскоро каналите на Арена спорт ќе бидат достапни на македонски и албански јазик“. Тоа, евидентно, не само што не се случи во тој рок, туку нема да се случи ни наскоро. Со оглед на тоа дека 3 (и со букви: ТРИ) и кусур години изразувале добра воља и божем се подготвувале за локализација, прашање е уште колку време ќе им треба за навистина да стигнат до старт? Уште 3 (и со букви: ТРИ) години? А „Спорт Клуб“? Можеме само да претпоставиме каде завршила препораката на бившата Влада во нивниот случај. Но, ако се има воља и тоа се решава. На пример, кога и ако Арена навистина се локализира како што најавува, зошто кабловските би ги продолжиле своите договори и би плаќале на „Спорт Клуб“ за кого препорака на Владата на држава во која стопанисуваат и заработуваат е само ливче хартија? Ако постои искрена желба, за се има начин и може да се спроведе.

ЈАЗ’К (по турски yazik)
Јазикот и писмото се уставна категорија и како такви се од стратешко значење за државата и народот. Но, сега веќе е јасно дека за бившата Влада јазикот, посебно македонскиот, не е во таа категорија. Таа ја испушти шансата да го реализира процесот на локализација и да покаже дека искрено сака да ја заштити јазичната посебност, а со тоа и идентитетот на државата. Три години неделување од Владата и три години ветувања од „Арена спорт“, гледано одстрана, делуваат некако синхронизирано. 3 (и со букви ТРИ) години, Владата божем препорачува, Арена божем сака… И еве, дојдовме и до техничка Влада без ингеренции во овој правец. За бившата Влада, според ова, јазик јазикот не беше никаков приоритет. Идната, ќе биде ли сериозна и конкретна во однос на ова егзистенцијално прашање? Ако не па, пак да го отвориме Уставот и да го прогласиме и српскиот за официјален јазик во Македонија! Веројатно, во оваа држава, тоа е најлесно да се направи. Најтешко, очигледно, е некој да се фати за работа и да го заштити јазичниот идентитет, достоинството и правата на граѓаните. Не повеќе, туку само онака како што се заштитени во другите балкански држави и Европа.

Извор: skopje1.mk

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ