сабота, 19 октомври 2024

На Словенија по поплавите ѝ се заканува еколошка катастрофа

Објавено на

часот

Сподели

Таму каде што водата се повлекла сега постои голема опасност од лизгање на земјиште, а некаде веќе го има. Од Националниот институт за јавно здравје на Словенија испратија предупредување за закана од бактериски инфекции и опасност од мувла.

Словенечкиот премиер Роберт Голуб кажа во саботата дека невремето кое ден претходно ја погоди земјата е најлошата природна катастрофа во историјата на Словенија, дека зафатило две третини од земјата и дека штетата најверојатно ќе надмине 500 милиони евра.

Поплавите однесоа и шест животи. Во селото Ивања во општината Мирна Печ е најден 35-годишник кој се удавил во реката Теменица. Еден маж исто така бил најден мртов во шахта во која паднал по санација на последиците на поплавата.

Во саботата на брегот на Сава во областа на Љубљана е најден мртов маж. Во Поплавите починала и жена во областа на Камник, како и брачна двојка од Холандија кои ги погодил гром.

Еколошка катастрофа во моментов му се заканува на Крањ, каде Сава уништила бетонска покривка на канализациска цевка прицврстена на мост. Се стравува дека канализацијата, на која се приклучени околу 25.000 луѓе, би можела да се разлее во Сава, што би ја погодило цела Словенија.

Од Комуналното претпријатие Крањ соопштија дека во овој момент не можат да направат ништо за да спречат несреќа. Можат само да се надеваат дека ќе издржи бетонската заштита, која напукнала и се отворила на неколку места, пренесуваат словенечките медиуми.

„Краткорочно гледано, општина Крањ нема средства за проект и реализација на нова канализација, па итно ѝ е потребна финансиска помош од државата за да се спречат штети на јавната инфраструктура и за целиот проект што побрзо да се реализира. Само така ќе избегнеме истекување на фекалните води од цевката во Сава“, се наведува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ