недела, 14 јули 2024

На планета на која врне стопено стакло откриено хемиското соединение од расипаните јајца

Планетата ХД 189733б, откриена во 2005 година, веќе беше позната како прилично екстремно место: гасен џин, малку поголем од Јупитер, со кобалтно-сина боја со дождови од стопено стакло што летаат хоризонтално поради силните атмосферски ветрови.

Фото: НАСА

Објавено на

часот

Сподели

Како тоа да се надмине? Додадете сулфурводород, хемиското соединение одговорно за смрдеата на расипаните јајца. Научниците денеска соопштија дека новите податоци од вселенскиот телескоп Џејмс Веб даваат поцелосна слика за планетата ХД 189733б, која веќе е меѓу најпроучените планети надвор од Сончевиот систем.

Во неговата атмосфера се откриени траги на сулфурводород, што досега не е забележано на ниту една планета надвор од Сончевиот систем.

„Да, смрдеата секако ја зголемува нејзината веќе неславна репутација. Тоа не е планета што ние луѓето сакаме да ја посетиме, туку вредна мета за продлабочување на нашето разбирање на планетарната наука“, рече астрофизичарот Гуангвеи Фу од Универзитетот Џон Хопкинс во Балтимор, кој го предводеше истражувањето објавено во списанието Нејчр.

Станува збор за тип наречен „врел Јупитер“, а вклучува гасни џинови слични на најголемата планета во нашиот Сончев систем, кои се значително потопли поради нивната близина до своите матични ѕвезди. Оваа планета е 170 пати поблиску до својата матична ѕвезда отколку Јупитер до Сонцето.

Температурата на страната на планетата свртена кон ѕвездата е околу 930 Целзиусови степени. „Тие се прилично ретки. Се наоѓаат во нешто помалку од еден сончев систем на секои 100“, рече Фу за жешките Јупитери.

Оваа планета се наоѓа на 64 светлосни години од Земјата, во рамките на нашата галаксија Млечен Пат, во соѕвездието Лисица.

„Малото растојание ја прави светла и погодна за детални студии. На пример, откривањето на сулфурводород забележано тука би било многу потешко на други, подалечни планети“, објасни Фу.

„Иако не бараме живот на ХД 189733б, прежешка е, претежно се состои од водород и хелиум, не е како Земјата и така натаму, разбирањето на нејзината атмосфера ни овозможува да разбереме како физиката и хемијата се однесуваат во различни средини и да почнеме да составуваме ‘рецепт’ за формирање планети“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ