четврток, 31 октомври 2024
Во училиштето „Владислав Рибникар“

На децата на сеанса им било велено да се поврзат со „духовите“ на загинатите другари, вели таткото на ученичка убиена во Белград

Објавено на

часот

Сподели

„Во ‘мрачната психосеанса’ што на децата им ја држела д-р Ранка Радуловиќ, со знаење на директорката на училиштето, таа на децата им пуштала народна музика и им велела дека треба да се поврзат со духовите и душите на своите загинати пријатели и пријателки. Не постои никој што може да објасни како се случило ова. Тоа било без знаење на родителите, девојчето дошло дома расплакано, во траума, кажало дека биле на сеанса, кажало дека било одвратно“, раскажа таткото на настраданата Софија во гостување на телевизијата Нова С.

Тој кажа и дека вчера бил на состанок на родителите на настраданите деца со претставници на сите релевантни институции на Србија и дека прашал која е докторката Ранка Радуловиќ, и дека никој од присутните не знаел за кого станува збор, пренесува Н1.

„Исто така, настана тишина кога денеска го изнесов ова на таа седница“, рече Негиќ.

Тој објасни и дека „докторката Ранка Радуловиќ е вработена во невропсихијатриското одделение на КБЦ и е пратена од Министерството за здравство како некој што треба да им помогне во оваа ситуација на децата и нам, на родителите“.

Негиќ рече дека ќе ги искористи сите правни средства „таа докторка никогаш повеќе да не работи“ и наведе дека директорката во извештајот што го напишала за напредокот на децата во врска со работата со терапевтот во еден дел напишала дека „во почетокот имаше одредени проблеми во комуникацијата меѓу децата и терапевтот, но тие проблеми се надминати и е воспоставен континуитет во психотерапевтската помош“.

„Ако од оваа реченица некој во тоа гледа јавна намера да се каже што се случило нека каже, јас не гледам“, рече тој.

Негиќ исто така изјави дека сите информации ги изнесува во јавноста „под полна морална одговорност и дека е спремен да го одбрани тоа на суд“, како и дека добил согласност од една од мајките чие дете учествувало во „мрачната психотераписка сеанса што ја спровела Ранка Радуловиќ“.

„Мислам дека изнесувањето на вистината е некој вид морална одговорност и дека нема место за избегнување на фактите, зашто ние тогаш ни вака не разбираме што се случило“.

Тој смета дека директорката што го составила таквиот извештај не треба повеќе да биде на таа функција, како и дека сите што се одговорни мора да одговараат.

Негиќ рече и дека ја почитува одлуката на советот на родителите и дека треба сите да ја почитуваат зашто е донесена со консензус.

„Не можете да им ја лечите траумата на местото каде што таа се случила. Таму каде што јас ја чекав мојата Софија“, рече Негиќ.

Тој смета дека и зголемувањето на бројот на полицајците во училиштето може да биде само преодно решение.

„Ги познавам децата што ја преживеаја таа траума. Некои од децата сѐ уште не зборуваат. Некои од децата повеќе не сакаат воопшто да одат на училиште. Сакате да се прави процена на траумата, па дали мора да се прави таму каде што се случила“, праша Негиќ.

Тој рече дека дошол во емисијата за да „разбуди емпатија“ меѓу сите што го опкружуваат.

„Јас сакав да дојдам овде, многу е тешко, но почувствував силна потреба да ја изнесам во јавноста тежината на ситуацијата. Сакам да ја искористам можноста да ги кажам фактите како единка и граѓанин на оваа земја и да се обидам да ја разбудам свеста кај луѓето, која веќе сега се буди за тоа дека поделбите се нешто што не ни треба и дека проблемот е мошне тежок“.

„Никој нема решение и многу е тешко да се живее со тоа, но гледам кај луѓето искрена желба кога ќе ме погледнат во очи, тие се исплашени од тоа што го гледаат и човечки реагираат на тоа, ова ги надминува вообичаените теми и дневнополитички раскази. Секој што во ова наоѓа простор да пласира некои избрзани мислења наместо тоа што навистина се случило само му прави мечкина услуга на општеството“, истакна Негиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ