среда, 23 октомври 2024

Н1: Најголемите политички групации во Европскиот парламент ќе бараат казнени мерки против Србија

Најголемите политички групации во Европскиот парламент ги завршиле нацртите на своите предлози за Резолуции за односите на Косово и Србија и последните оружени инциденти во селото Бањска на северот на Косово, во кои ќе бараат воведување казнени мерки против Србија, но имаат различни ставови за тоа дали треба да се воведат веднаш или дури ако се докаже дека официјален Белград има каква било врска со „терористичкиот напад на северот на Косово“, пренесува Н1, повикувајќи се на сознанија во тие политички групации.

Објавено на

часот

Сподели

Европските „народњаци“ од Европската народна партија (ЕПП), најбројната политичка групација во Европскиот парламент, имаат став дека треба да се осуди поддршката која официјален Белград им ја дал на извршителите на „терористичкиот напад“, но дека нема да инсистира  на остар речник и априори казни против Србија, поради противењето на неколку партии членки на групацијата кои доаѓаат претежно од земји кои не го признаваат Косово како независна држава.

Како што пренесува Н1, ЕПП и Зелените се сложуваат дека Србија би требало да биде казнета, но само ако истрагата покаже врска на државата со инцидентот во Бањска, додека социјалдемократите сметаат дека Србија е де факто одговорна за настаните од 24 септември и дека веднаш треба да се казни за тоа, како и за досегашните постапки, за кои сметаат дека не оделе во прилог на соработката и смирувањето на ситуацијата.

Во таборите на народњаците, социјалдемократите и зелените владее мислење дека би требало да се укинат казнените мерки против властите во Приштина, па се очекува при усогласувањето на финалната верзија на текстот на Резолуцијата таа идеја да добие доволна поддршка, и покрај претходно искажаниот став на дипломатијата на ЕУ која смета дека сè уште постојат сите причини кои довеле до воведувањето на казнените мерки против Приштина.

Повеќето пратеници на социјалдемократите бараат во Резолуцијата да влезе и јасна осуда на реториката и постапките на претседателот на Србија Александар Вучиќ, сметајќи го за „дестабилизирачки фактор“, но тоа, засега, нема поддршка од останатите политички групации.

Меѓу политичките групации постои консензус со Резолуцијата на ЕП за Косово и Србија да се осуди „терористичкиот напад“ во Бањска и да се побара целосна соработка на Приштина и Белград околу истрагата на тој случај, вклучувајќи процесирање и екстрадиција на одговорните, „силно да се апелира“ двете страни да направат сè што можат за да се намалат тензиите и да не повлекуваат чекори кои би довеле до влошување на ситуацијата, да се бара Приштина и Белград да ги исполнат предлозите на ЕУ кои водат кон деескалација и да се вратат на преговарачката маса, за која сметаат дека е единствениот начин да се дојде до компромис со кој би биле решени сите проблеми и трајно уредени сите меѓусебни односи.

Нејасно е, наведува Н1, до која мерка европратениците ќе се обвинат самите себе, односно институциите на ЕУ, за состојбата на Косово и заострувањето на ситуацијата, бидејќи повеќето од нив во дебатата пред две недели укажуваа на одговорноста на ЕУ, пред сè за изостанокот на резултат од дијалогот на Белград и Приштина.

Резолуциите на Европскиот парламент претставуваат официјален став на таа институција, но не се обврзувачки за институциите на ЕУ или државите членки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ