среда, 23 октомври 2024

МЗШВ бара чаре како да обезбеди вода за наводнување за светиниколчани

Објавено на

часот

Сподели

„Комплетно го решаваме наводнувањето на Овчеполието, целосно сме посветени на реконструкција, модернизација и осовременување на хидросистемите, објектите и инфраструктурата која обезбедува наводнување за Свети Николе и околните општини и села. Веќе се дефинирани прироритетите кои значат зголемено производство за земјоделците од овој крај. Преку програмите на министерството фокусирани сме на два клучни проекти за целосно решавање на наводнувањето во Свети Николе, првиот се однесува на реконструкција на Десниот магистрален канал и санации на главниот цевковод во реонот на Истибања кој ќе обезбеди доволни количини на вода за Свети Николе и сите општини и населени места со кои управува светиниколската подружница на АД Водостопанство, вториот се однесува на целосна реконструкција на цевководот кој доаѓа од акумулацијата Мавровица, со што комплетно се обезбедува наводнување на површини од над 3.000 хектари земјоделска обработлива површина од Овчеполието“, велат од МЗШВ.

Со Програмата за водостопанство и Програмата за рурален развој на министерството, потсетуваат, се  обезбедува средства за зголемување на протокот на вода од цевководот Калиманци сѐ до последните обработливи површини во светиниколско. Проектот ќе опфати реконструкција на десниот магистрален цевковод со што ќе се елиминираат загубите на вода, паралелно на ова ќе се санираат свлекувања во Истибања.

„Со овие чекори се обезбедува полнење на цевководот во неговите максимални капацитети за кои што интервенции веќе со следниот ребаланс подготвуваме обезбедување на проектна документација. Во екот на тековната, ги правиме подготовките и за следната сезона, при што обезбедуваме полн капацитет на работа на цевководот од самиот почеток, до неговиот крај, односно доволни количини на вода ќе се испорачуваат кон земјоделските површини во Свети Николе  кои ќе обезбедат непречено наводнување“, се додава во соопштението.

Дополнително, подготвен е проект за обезбедување на вода за наводнување преку акумулацијата Мавровица, кој е планиран да влезе во следниот буџет и програма на министерството како приоритет за зголемување на наводнувањето во Овче Поле. Овој проект, појаснуваат од МЗШВ, предвидува замена на постоечкиот цевковод со квалитетна метална цевка која поседува соодветна заштита од корозија, промена на линиски затврачи, водушни вентили и инсталација на хидранти. Со ова ќе се стави крај на тековната поправка на дефекти кои постојано се појавуваа и ќе се обезбеди квалитетна и навремена достава на вода до сите обработливи површини до кои стигнува системот.

„Министерството секогаш стои на иста страна со земјоделецот, работиме на заедничка агенда која предвидува успех за сите субјекти вклучени во дејноста. Ангажирани сме за создавање на услови за раст и развој, земјоделието е носечки столб на развитокот на државата, затоа стоиме цврсто на оваа определба и секојдневно сме посветени на воведување на нови решенија кои ќе обезбедат прогрес и сигурна иднина на земјоделците и сите граѓани на државата“, соопштија од МЗШВ.

Земјоделците од овчеполскиот регион вчера го блокираа регионалниот пат Велес-Штип кај крстосницата кон Свети Николе. Бараа да добијат вода во системот за наводнување, со цел да ги спасат своите земјоделски култури. Се пожалија дека нема доволен доток на вода и притисок за да ги наводнуваат површините со пченка, детелена, лозја и други култури.

Пред неколку дена, земјоделците добија ветување дека вода ќе има дека наводнувањето ќе се одвива согласно планот и потпишаната спогодба меѓу ХС Водостопанство „Брегалница“ и земјоделското здружение „Овчеполски аграр“.

Земјоделците од Овче Поле добија поддршка и од оризопроизводителите од кочанско кои се пожалија дека и кај нив полињата буквално горат за вода. Пред три дена поради истиот проблем, протестираа и земјоделците од карбинско.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ