„Станува збор за полициски службеник. Случајот е расчистен, поднесена е кривична пријава, а преземени се мерки и од Одделот за внатрешна контрола и ќе биде изготвен извештај, предлог за утврдување на дисциплинска одговорност и за мирување на работното место до завршување на постапката“, одговорија од МВР за МКД.мк.
Како што претходно објавивме, се работи за полицаец вработен во МВР и внук на поранешен починат министер од ДУИ. Според нашите извори во автомобилот на полицаецот бил најден и кокаин, а се правеле напори да се уништат дел од доказите. Со одлука на судот, а на предлог на обвинител на разбојникот му е определена мерка притвор.
Според обвинителството сомничениот, маскиран со фантомка, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета за поседување, им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифатил предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.