„Мислам дека ние што работиме во меѓународните односи треба да бидеме малку повеќе пацифисти и да користиме конвенционални дипломатски алатки, а не оружје, да ги надминуваме предизвиците. Не сакам ни да размислувам да го користам зборот „оружје“ во времиња кога се војува со оружје во светот и умираат луѓе. Треба да сме обединети кон заедничките цели, а и со Атина и со Софија, како и со сите други земји, и од потесниот и од поширокиот регион. Верувам дека има многу повеќе прашања што можат да нè обединат отколку прашања што треба да нè делат“, нагласува Муцунски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија во интервјуто потенцира и дека отворените политички прашања треба да се решаваат со меѓусебно почитување и дијалог.
„Предизвици меѓу државите имало и ќе има. Но, би рекол дека таквиот тип предизвици, особено кога се од политички карактер, се решаваат со добра верба и со доверба. Тоа се две различни работи што треба да ги имаме на ум секогаш кога ќе се појават предизвици пред нас. Јас сум тип на човек што сака да гледа напред и кон иднината, затоа што тоа што го правиме сега и тие мерки што ги преземаме сега, имаат широки импликации и многу е лесно кога ние, како политичари, ги гледаме импликациите само низ призма на политиката“, нагласува Муцунски во интервјуто.
На прашањето за условувањата од Бугарија и бавниот евроинтеграциски процес, министерот во интервјуто потсетува дека Владата има проактивен пристап за приближување на државата кон Европската Унија, како и дека членството мора да биде засновано врз основа на објективни и мерливи фактори, а не на билатерални и политички прашања.
„Најлесно сега, нам, како Влада, ќе ни беше да речеме: Нашиот став е против, сметаме дека не е ова врз основа на МЕРИТ, се повлекуваме, ако сака ЕУ – нека нè прими. Не, ние сме проактивни, нудиме решение. Секогаш сум оптимист и секогаш мислам дека, барем во современиот контекст во кој функционираме, кој е многу подинамичен и различен од дипломатската активност пред 10, 20, 30 години, доколку сте искрен, отворен и понудите логичен пристап, тоа, споено со геостратешкиот интерес, може да вроди со плод“, вели министерот Муцунски за „Вечер“.