понеделник, 22 јули 2024
По преземањето на функцијата

Mуцунски на својот прв министерски ден е во Луксембург, членството во ЕУ за него е приоритет

На првиот работен ден од министерскиот мандат денеска сум во Луксембург каде ќе учествувам на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската Унија и земјите од Западен Балкан, порача од Луксембург преку Фејсбук новиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Во Луксембург е и неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис кој упати порака да се почитува уставното име Северна Македонија според Преспанскиот договор.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за важен настан што се одржува во рамки на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во организација на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, вели Муцунски и додава дека приоритет за нашата држава е полноправното членство во ЕУ.

Тоа е наш приоритет и тоа е од суштинско значење за регионалната соработка, безбедност и развој, нагласува Муцунски и додава дека на истата тема продолжува итре „со значајни средби во Брисел“.

Како што јавува Танјуг од Лујксембург, Муцунски изјавил дека ќе разговара со колегите од земјите-членки на Европската Унија за тоа што може ЕУ да направи, важноста на Планот за раст за Западен Балкан, кој ќе има сериозни позитивни фискални импликации за Западен Балкан.

„Веруваме дека ова е еден од форумите преку кои можеме заеднички да го забрзаме напредокот на целиот регион кон полноправно членство во ЕУ“, изјавил Муцунски.

Тој додал дека Скопје сака да напредува кон полноправно членство во ЕУ врз основа на вредностите и критериумите што ги бара самата ЕУ и рече, како што пренесува Танјуг, дека Скопје смета дека процесот на европските интеграции не треба да биде оптоварен со билатерални спорови.

А во Луксембург присутен е и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис.

„Државните и политичките лидери на Северна Македонија одбраа да не го користат уставното име на земјата на домашната сцена, што претставува флагрантно кршење на Договорот од Преспа“, изјави Герапетритис пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАК).

„Договорот од Преспа предвидува име на државата кое ќе биде едно и единствено за севкупна употреба, а тоа е Северна Македонија“, нагласи Герапетритис.

Тој додаде дека сите мора да сфатат дека меѓународното право е основа на глобалниот мир и безбедност и дека тоа не е процес во кој ќе се избира тоа што некому одговара.

„Неприфатливо и незамисливо е членство во Европската Унија без целосна имплементација на европското законодавство и на меѓународното право и меѓународните договори“, додаде Герапетритис.

Според него, Грција отсекогаш била движечка сила во пристапниот процес на земјите од Западниот Балкан во ЕУ и таа и натаму смета дека тоа е најдобриот пат и за државите од регионот и за Унијата.

Во Луксембург, во рамките на Советот за надворешни работи на ЕУ, се разменуваат мислења за Западен Балкан, со учество на министрите за надворешни работи на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и на Косово, беше соопштено претходно од Советот на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ