недела, 24 ноември 2024

Муцунски и евроамбасадорот Рокас разговарале за можностите за побрза интеграција во ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ги примил копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската унија, Микалис Рокас. На средбата, како што меѓу другото е наведено во соопштението на министерството, била акцентирана важноста од што поскора интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, а во тој контекст бил поздравен и неодамна донесениот План за раст за Западен Балкан како значаен политички и финансиски влог на ЕУ во регионот и дополнителен поттик за остварување на оваа заедничка цел.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот Муцунски оценил дека дипломатска мисија на евроамбасадорот Рокас  започнува во исклучително важен момент за европската иднина на земјата и во таа смисла изразил уверување дека со силна заемна посветеност ќе се обезбеди одлучен напредок на патот кон реализација на стратешката определба за идно членство во ЕУ.

Муцунски изразил задоволство од досегашната континуирана поддршка на Европската Уија за унапредување на реформските процеси, стабилноста и просперитетот на земјата, и ја потенцирал подготвеност за натамошно продлабочување на меѓусебното партнерство засновано на заедничките вредности и интереси.

Пред Рокас, оваа функција ја извршува амбасадорот Дејвид Гир.

Инаку,Рокас беше номиниран во април, кога високиот претставник на Европската Унија Жосеп Борел номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, како и шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово.

Претходно, Рокас ја извршуваше функцијата амбасадор на ЕУ во Малезија. Тој е роден во 1964 година во Атина, со 26-годишно искуство во областа на надворешните работи, приклучувајќи се на Генералниот директорат за надворешни односи на Европската комисија во 1994 година.

Тој бил шеф на делегацијата на ЕУ во Нов Зеланд, прв секретар на Канцеларијата на Европската комисија во Хонгконг и Макао, како и шеф на Одделот за поддршка на делегации во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на Кина, Хонгконг, Макао и Одделот за Тајван и Монголија.

Рокас има диплома по економија и постдипломски студии по европска економија. Мајчин јазик му е грчкиот, а зборува англиски, француски и германски јазик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ