вторник, 22 октомври 2024

Општините работат во свои објекти, ама како кираџии, МТВ со години не им ја предава сопственоста , констатира ДЗР

Министерството за транспорт и врски (МТВ) изработувало идејни решенија за проекти за кои не била обезбедена документација дали истите се применети за реализација на проекти, а министерството евидентирало и градежни објекти кои се завршени во минати години, истите со години се во употреба, но без да се изврши нивно примопредавање на општините, констатирале ревизорите во најновиот Извештај за работата на МТВ во 2022 година и за дел од 2018 година.

Објавено на

часот

Сподели

Државниот завод за ревизија (ДЗР) ревидирала две основни сметки (631 и 637) од работењето на Министерството за транспорт и врски (МТВ).

Што се однесува до втората сметка (637) на МТВ, ревизорите изразиле мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година, и за усогласеност на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива. Извршена е ревизија за 2018 година за која ревизорите исто така изразиле мислење со резерва. Во февруари 2020 година извршена е ревизија на спроведување на препораките презентирани во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи со усогласеност за 2018 година на сметката на основен буџет (637), при што е констатиранo дека дадените препораки се во тек на имплементирање.

„Со ревизијата на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност на МТВ, сметка на основен буџет (637) за 2022 година,  утврдено е дека во финансиските извештаи на позицијата нематеријални средства евидентирани се идејни решенија и физибилити студија за кои не е обезбедена документација за тоа дали истите се применети за реализација на проекти; во деловните книги не е евидентиран деловен простор и тоа локали кои се доделени со одлуки на Влада и за кои не е направена проценка на вредност, како и деловен простор за Капетанија Охрид, за кој објект постапката за запишување на правото на сопственост е во тек. Во финансиските извештаи на позицијата материјални средства евидентирани се свлечишта за кои не беше обезбедена документација. Во рамките на позицијата материјални средства во подготовка евидентирани се градежни објекти кои се завршени во минати години, истите се користат и со години се во употреба, без да се изврши нивно примопредавање на општините  и кај пописот на нематеријалните средства и дел од материјалните средства се евидентирани градежни објекти за кои не е направено усогласување на сметководствената состојба со фактичката состојба утврдена со пописот.  Во насока на надминување на утврдените состојби, ревизијата даде препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“, пишува во извештајот на ДЗР.

Што се однесува до другата сметка (631) како најголеми системски слабости во работата на МТВ, ревизорите констатирале дека иако Владата ги субвенционирала Железници Транспорт за превоз на патници и трансфери на средства за подмирување на обврски кон добавувачи и плати за вработени за 2022 година, ова акционерско друштво прикажало најголеми трошоци и помалку издвоени средства од предвиденото законско право за железничка инфраструктура.

И покрај ова, ревизорите утврдиле дека финансиските извештаи се прикажани вистинито и објективно, во сите материјални аспекти заклучно со 31 декември 2022 година. Ревизорите сметаат дека активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи на Министерството за транспорт и врски во сите материјални аспекти се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Сепак од ДЗР обрнуваат внимание дека МТВ врз основа на Договор склучен на 29 август 2000 година помеѓу Владата, а преку министерството и Експорт – Импорт банка има депонирано парични средства во износ од 100.000 илјади денари.

„Со Решение на Основниот суд Скопје 2 од 11 март 2004 година над должникот Експорт Импорт банка е отворена стечајна постапка. По претходно одржано испитно–верификационо рочиште за утврдување на пријавените побарувања на доверителите од стечајниот должник, Основниот суд Скопје 2 донел решение со кое се утврдени побарувањата на 46 доверители на банката во стечај, меѓу кои и побарувањето на МТВ во износ од 100.000 илјади денари.  По добиени решенија од Основниот суд Скопје 2 во текот на 2015 година се уплатени средства во износ од 34.918 илјади денари, а во 2018 година се уплатени средства во износ од 2.582 илјади денари,  додека остатокот од побарувањата во износ од 62.500 илјади денари треба да се наплатат во идниот период. Оваа состојба е нагласена и во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија за 2018 година и до денес нема промени кај истата“, велат од ДЗР.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ