петок, 29 ноември 2024

МОН објави конкурс за стипендии за студии на првите сто универзитети од Шангајската листа

Објавено на

часот

Сподели

На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 американски долари годишно, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, а месечната стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2023/2024 година на прв циклус студии (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од Обединетите нации). Секој износ над наведената сума за уписнина ќе биде на товар на студентот.

Меѓу условите наведени во Конкурсот се кандидатот да  има завршено соодветно средно образование и до денот на пријавувањето да остварил успех од најмалку просечна оцена 5.00 од сите предмети во текот на средното образование и да е примен на додипломски студии од прв циклус првпат во прва година во академската 2023/2024 година на еден од првите сто рангирани универзитети од наведените области според последната објавена Шангајска листа. 

Избраниот кандидат со договор ќе се обврзе дека доколку ја добие стипендијата, за секоја година помината на студии во странство ќе работи две години во Македонија. По завршувањето на студиите и враќањето во државава, кандидатот е должен шест месеци да биде на располагање за вработување во органите на државната управа, како и во државните високообразовни и научни установи при што неговата работна позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на неговите образовни квалификации. 

Кандидатот ќе биде ослободен од обврската да се врати во земјава по завршувањето на студиите доколку во рок од три месеци од дипломирањето се вработи во компанија од Fortune top 500 листата во странство. Во ваквите случаи тој може да остане во странство максимум три години со цел стекнување меѓународно корпоративно искуство, по што е обврзан да се врати во Македонија.

Во случај кандидатот да одлучи по завршувањето на студиите да не се врати во државава и не ја исполни обврската, потребно е да ги врати сите исплатени средства доделени за стипендија во износ десетпати поголем од износот на стипендијата, најдоцна една година од завршувањето на студиите.

Во конкурсот што го објави МОН се наведени потребните документи, начинот и критериумите за аплицирање за стипендијата. Рокот за пријавување е 31 август 2023, а резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 15 септември 2023.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ