понеделник, 22 јули 2024

МОН го запре издавањето на учебници за основно образование

Министерството за образование и наука (МОН) го запре конкурсот за издавање учебници во деветгодишното основно образование, објавен на 9 април 2024 година, објави МОН на официјалната веб страница. Оттаму наведуваат дека оваа одлука е согласно заклучокот од седницата на Владата одржана во петокот на 5 јули, а како причина се наведени измените и дополнувањата на Концепцијата за основно образование.

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведува МОН во објавата за запирањето на конкурсот, измените на Концепцијата се во насока на соодветно изучување на научните дисциплини историја, географија, биологија, хемија и физика како посебни наставни предмети, а кои сега се изучуваат интегрирано во наставните предмети Историја и општество и Природни науки, од шесто до деветто одделение.

„Истото е со цел учениците потребните знаења, вештини и ставови од овие наставни предмети да ги стекнуваат согласно националните стандарди на крајот од основното образование, како и да се обезбеди меѓународна споредливост на постигањата на учениците на определена возраст во основното образование“, наведува МОН.

Во објавата за запирање на Конкурсот кој е објавен пред три месеци, МОН го известува авторот односно авторите на учебниците кои доставиле ракопис во архивата на Педагошката служба, заклучно со 8 јули 2024 година, дека истиот може да си го земат најдоцна 15 дена од објавата на ова соопштение.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска во петокот на прес-конференција го соопшти заклучокот на Владата за одложување на имплементацијата на дел од Концепцијата што се однесува на седмо, осмо и деветто одделение во однос на наставните планови и програми, како што рече, „без да бидат засегнати изборните предмети за кои сметаме дека се добро решение во идниот процес на образование кај младите“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ