Од МВР соопштија дека се повикани на разговор повеќе лица, едно лице е лишено од слобода, како и други оперативно тактички мерки, при што е утврдено дека Б.А. доброволно отишол на местото на настанот.
„Според пријавата од Б.А.,тој наводно бил насилно пренесен од две лица со возило од населбата Ченто до Ќојлија, а таму наводно го натерале да се самозапали. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презедоа сите неопходни мерки и активности за расчистување на случајот. Извршен е увид на местото на настанот, при што се подигнати материјални траги, за кои се изготвени соодветни вештачења, а обезбедени се и видео записи од безбедносни камери, повикани се на разговор повеќе лица, едно лице е лишено од слобода, како и други оперативно тактички мерки, при што е утврдено дека Б.А. доброволно отишол на местото на настанот“, велат од МВР.
Како што потенцираат, Б.А. со запалива течност го полеал контејнерот на агенцијата и го запалил, при што од настанатата експлозија, кај него настанале повреди по телото-изгореници, од кои на 7 јули оваа година тој починал.
Со ова, велат од МВР, е констатирано дека првичната изјава која Б.А. ја дал на полициските службеници, дека наводно истиот бил киднапиран од две лица и насилно пренесен со возило до местото на настанот и притоа истите наводно го натерале да се полие со запалива течност и да се самозапали, не е точна.
„Од страна на СВР Скопје случајот е расчистен и поднесено е известување до ОЈО Скопје“, се вели во соопштението на МВР.