петок, 25 октомври 2024

Молдавија: Русија планира да се меша во изборите и да ни ја саботира интеграцијата во ЕУ

Шефот на молдавската разузнавачка и безбедносна служба (СИС) предупреди дека Русија планира нови активности за дестабилизација на земјата додека се подготвува за претседателските и парламентарните избори и за клучниот референдум за интеграција во Европската Унија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Александро Мустеата на прес-конференција на 5 март во Кишињев рече дека СИС дошол до „одредени податоци“ за активностите планирани за оваа и следната година што ќе го компромитираат пристапот на Молдавија во ЕУ и ќе ја вратат во руската сфера на влијание.

„Деталите укажуваат на стратегии за 2024 и 2025 година, кои вклучуваат поддршка за проруските политички актери поврзани со разузнавачките служби, организираните криминални групи и раководството на Кремљ“, рече Мустеата.

Најважниот актер во извршувањето на дестабилизирачките акции би била група предводена од бегалецот олигарх Илан Шор, рече Мустеата.

Шор, кој ја предводи партијата Шор, поддржана од Москва, минатата година беше осуден во отсуство на 15 години затвор поради обвиненијата за измама и перење пари поврзани со исчезнувањето на милијарди долари од молдавските банки.

Партијата Шор беше забранета, додека самиот Шор побегна во Израел.

Шор и неговата партија, исто така, се погодени од санкции од ЕУ, Соединетите Американски Држави и Канада поради наводен обид за дестабилизирање на ситуацијата во Молдавија и дејствување во интерес на Русија.

„Очекуваме дека ќе се направат обиди да се предизвикаат неколку социјални и политички кризи, да се предизвикаат конфликти и да се разгори меѓуетничка омраза, што би довело до безбедносни кризи во автономијата на Гагаузите или во Трансдњестарскиот регион“, рече Мустеата.

Полуавтономната Гагаузија главно е населена со етнички турски Гагаузи, кои зборуваат руски и го прифатиле руското православно христијанство.

За време на прозападната претседателка Маја Санду, која дојде на власт откако во ноември 2020 година го победи актуелниот претседател Игор Додон, поддржан од Москва, Молдавија тргна по цврст европски пат, остро осудувајќи ја руската инвазија на Украина.

Во 2022 година Кишињев доби покана да ги отвори преговорите за членство со ЕУ и оваа година треба да одржи национален референдум за приклучување кон блокот од 27 земји, кој допрва треба да биде закажан.

Претседателските и парламентарните избори се исто така закажани за подоцна оваа година, а Санду планира да се кандидира за втор мандат. Нејзината партија ПАС на локалните избори освои повеќе од 40 отсто од гласовите и беше прва на парламентарните избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ