„Дигиталната алатката „балансер”, начелно создадена за правична застапеност на заедниците во институциите, во минатиот период беше честопати злоупотребувана.
Таа злоупотреба на „балансерот” е регистрирана и аргументирана. Всушност, дигиталната алатка „балансер” ја губи својата намена за која е создадена. Оваа ситуација е нотирана и во скрининг-извештајот на Европската комисија. Во Законот за вработени во јавниот сектор е децидно наведена формулата за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници. Таа се однесува исклучиво за населението кое што живее на територија на Република Македонија, односно на резидентното население, согласно податоците добиени од последниот попис во 2021 година. Затекнатата состојба за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници од претходната Влада не беше во законски рамки. На иницијатива на новата Влада и Министерството за јавна администрација, таа аномалија беше отстранета, и формулата за пресметка беше сменета“, нагласи министерот Минчев на отчетот за работата на Министерството за јавна администрација, во првите 100 дена од мандатот.
Министерот истакна дека започнатиот процес на реформи има за цел да ја подобри ефикасноста, транспарентноста и професионалноста на јавната администрација, и да ја зголеми довербата на граѓаните во институциите. Во контекст на реформа на службите и законодавството, повлечени се од собраниска процедура 3 клучни закони: Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за професионален развој и обука на административни службеници.
„Овие закони се подложени на ревизии за да се модернизира управувањето со човечките ресурси, да се насочи процесот на вработување, да се унапреди системот за пресметка на платите и почитување на мерит-системот“. Нашата цел е да обезбедиме јавна администрација која е професионална, ефикасна, стручна и непристрасна, и ќе овозможи поквалитетна испорака на услуги за граѓаните“, наведе Минчев.
За зголемување на транспарентноста спроведена е кампањата “Сите заедно а професионална и квалитетна јавна администрација“, а за измена на трите закони, беа вклучени сите засегнати страни како што се Синдикалните здруженија, Невладини домашни и меѓународни организации, Граѓански здруженија, претставници од експертската и академската заедница, претставници од јавните институции, како и претставници од Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Како дел од реформите ставена е во процедура законската регулатива за формирање Академија за професионален развој и обука на административни службеници. Оваа академија ќе обезбеди континуирана едукација, опремување на нашите службеници со знаења и вештини за професионално и ефективно извршување на нивните должности, притоа одржувајќи ги највисоките европски стандарди.
Во првите сто дена на Министерството за администрација, започнато е со регулирање на Националното координативно тело за управување со квалитет.
„Во согласност со последните измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, направивме измени во формирањето на Национално координативно тело за управување со квалитет. Ова тело ќе служи како централна точка за координација и надзор на иницијативите за управување со квалитет низ сите државни институции. Неговата улога ќе биде да обезбеди конзистентна примена на стандардите за квалитет, да го унапреди споделувањето на најдобрите практики и да го следи перформансот на јавниот сектор, со цел негово постојано подобрување. Со централизација на координацијата на управување со квалитет, ќе обезбедиме дека реформите не се фрагментирани, туку се применуваат сеопфатно низ сите нивоа на власта, што директно ќе им користи на граѓаните преку попаметни, попродуктивни и поодговорни јавни услуги“ – вели министерот за јавна администрација.
По процесот на самооценување и евалуација, Министерството за јавна администрација доби ЦАФ(САF)-сертификат (Заедничка рамка за проценка) согласно ЦАФ-стандардите за квалитетно управување.
„ЦАФ-сертификацијата е резултат на темелно самооценување, при што критички ги оценивме нашите процеси, структури и резултати, со цел да ги идентификуваме областите за унапредување. Министерството за јавна администрација продолжува со иницијативата на реформските процеси, со иста енергија и посветеност, за изградба на поефикасна, транспарентна, квалитетна и професионална јавна администрација“ – порача на отчетот за 100 дена Влада, министерот за јавна администрација, Горан Минчев.