недела, 27 октомври 2024
Изјави пред лидерската средба

Мицкоски не попушта за уставните измени, Таравари се надева на широк консензус за одржување на двојни избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска пред почетокот на лидерската средба во Собранието изјави дека уставни измени нема да има се додека немаме јасен европски пат. Според него, ниту техничката влада ниту уставните измени не се предмет на оваа средба, туку датумот на одржување на парламентарните и претседателски избори. Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците, пред почетокот на денешната лидерска средба кажа дека позициите на партиите од Владата се синхронизирани и дека бараат широк консензус за одржување на претседателските и парламентарните избори заедно кон крајот на април или почеток на мај. Претседателот на Движењето на народот, Скендер Реџепи-Зејд не очекува драстична промена во ставовите околу изборите.

Објавено на

часот

Сподели

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ниту техничката влада ниту уставните измени не се предмет на лидерската средба, туку датумот на одржување на парламентарните и претседателски избори.

„На денешниот состанок очекувам да разговараме за тоа што претходно го најавуваше Ковачевски. Ние немаме други позиции освен оние кои што во јавноста беа кажани. Очекувам да слушнам уште една гимнастика од страна на Ковачевски и владините партнери. Јас побарав лидерска средба во формат во кој што тие ќе го изберат уште многу одамна. Правеа обиди за политички гимнастики повеќе недели за на крај повторно да завршиме на ваква лидерска средба. Изгубеното време не можеме да го вратиме, но за неколку месеци ќе им дојде крај и ќе има одговорност,“ изјави денеска Мицкоски. 

Прашан за уставните измени, Мицкоски уште еднаш ги потврди неговите позиции, посочувајќи дека уставни измени нема да има додека „нема јасен европски пат“.

„Јас не се шегувам со тоа што го кажувам како наша позиција, бидјеќи вчера политичар на заминување имаше интервју на национален медиум и кажа дека е сигурен и тврди дека ќе има уставни измени дали сега или за шест месеци. Еве јас ќе ви кажам дека уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат и додека немаме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон македонската заедница во Бугарија, а исто така јас тврдам дека за неколку месеци од денеска многумина политичари ќе бидат минато на политичката сцена, меѓу кои е и тој“, додаде Мицкоски.

На прашање како ја коментира изјавата на помошник државниот секретар за Европски и Евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајан дека не би купил ни возило од него а не да го гласа, Мицкоски потенцираше дека секоја изјава која доаѓа од стратешки партнер е изјава која треба да се анализира.

„Секоја изјава која доаѓа од стратешки партнер е изјава која треба да се анализира. Истовремено, јас како машински инженер на студиите сум ги положил предметите како што се „Моторни возила“ со највисока оценка 10 и доколку на некого му е потребен мој совет какво патничко моторно возило да купи му стојам на располагање“, рече Мицкоски.

На новинарско прашање дали ако СДСМ прифати да оди со ДУИ и Алијанса за албанците на избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со опозициски албански партии, Мицкоски одговори дека одлуката со кого СДСМ ќе оди на избори е нивна лична одлука.

„Тоа е нивна одлука. Јас им посакувам среќа. Им посакувам долги години да бидат во опозиција, за да можат да се реформираат и реконструираат и да излезат од криминалната матрица и од прегратките на криминалците во кои се наоѓаат изминатите шест години“, додаде Мицкоски.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари пред почетокот на денешната лидерска средба изјави дека имаат синхронизирани позиции со партиите од Владата, а на средбата ќе бараат широк консензус за одржување на претседателските и парламентарните избори заедно. 

„Нашите позиции се синхронизирани со партиите од Владата. Значи, сега бараме широк консензус за одржување на претседателските и парламентарните избори заедно, кои би се одржале некаде кон крајот на април или почетокот на мај“, изјави Таравари пред Собранието.

На прашање дали остануваат во Владата, Таравари одговори дека за сега остануваат и оти нема да дозволат да има дестабилизирање додека има шанси да се случат уставни промени.

„Засега остануваме во Влада. Така ќе биде до моментот кога ќе видиме дали уште ќе постојат шанси се евентуални уставни промени. Ако не, ќе треба да разговараме во партиските тела и да донесеме одлука. Меѓутоа, во едно нешто сме сигурни, а тоа е дека нема да дозволиме да има дестабилизирање во Владата додека има шанси да се случат уставни промени“, потенцираше Таравари.

Прашан дали е одлучено СДСМ, ДУИ и Алијанса да одат заедно на избори, Таравари рече дека нема никаква одлука.

На новинарско прашање дали останува на позицијата нивниот членот на ДИК да биде од кај нив и дали имаат поддршка од СДСМ, Таравари одговори дека за член на ДИК одлучува народот на избори.

„За член на ДИК одлучува народот на избори, кои партии земаат најголем број на пратеници. Алијанса за Албанците имаше осум пратеници и имаше член во ДИК. Изет Меџити беше дел од ДУИ од тогаш и ДУИ сега има член на ДИК. Билал Касами беше со СДСМ на иста листа и СДСМ има член во ДИК и господинот Африм Гаши беше со нас и нашиот претставник е претставник на Алтернатива во ДИК. Не знам дали ова прашање ќе се отвори на лидерската средба, но доколку се отвори, ова е нашиот став“, рече Таравари. 

Претседателот на Движењето на народот, Скендер Реџепи-Зејд не очекува драстична промена во ставовите околу изборите.

„Не очекувам некоја драстична промена или одлука од денешниот состанок од причина што има дијаметрални спротивни ставови околу изборите и Изборниот законик“, посочи тој. 

Зејд рече дека ќе го поддржи барањето на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката Влада, под услов, како што потенцира, сите присутни  денеска на лидерската да одлучат за уставните измени.

„Меѓутоа, евентуалното барање на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката Влада би го поддржал, без друго, под услов првенствено сите денеска да одлучиме за уставни промени, со тоа што ќе одиме на нови избори. Со уставни промени за една европска Македонија“, рече тој. 

Зејд верува дека согласноста ќе биде изборите да се одржат околу мај.

„Меѓутоа, она што за мене е најбитно е да успееме да вметнеме евро-интеграциски договор и евентуална одлука за уставни промени, што не верувам дека има таква спремност оти изборите на одредени партии им се побитни отколку иднината на граѓаните“, рече Скендер Реџепи-Зејд. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ