вторник, 22 октомври 2024

Мицкоски: Во вторник новата влада пред пратениците, во неа нема место за ДУИ, СДСМ и Левица

Мандатарот за состав на нова влада и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска кажа дека имињата на министрите од владата што тој ќе ја раководи ќе бидат познати во вторник, кога на дневен ред во Собранието ќе биде изборот на Владата. Имињата на министрите од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат познати во недела кога ќе расправаат органите на партијата. Во новата Влада нема место за СДСМ, Левица и за ДУИ, која партија, како што ветивме, оди во опозиција, рече Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Идната влада ќе биде составена од коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и политичката партија ЗНАМ предводена од градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски. Во македонскиот парламент во опозиција ќе биде коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, коалицијата Европска иднина предводена од СДСМ и политичката партија Левица. Со тоа ќе биде реализирано и второто ветување кое го дадовме на изборите. Првото ветување беше реорганизација на составот на влада, второто ветување е ДУИ во опозиција, третото ветување 400 до 450 милиони евра инвестиција во производство на електрична енергија од обновливи извори која ќе ја види македонската јавност на 25 јуни“, изјави Мицкоски  изјави пред шестата седница на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа.

Тој рече дека не сака да зборува во името на коалициските партнери.

„Во недела ќе има седница на Извршниот и Централнот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат претставени кадровските решенија од моја страна како мандатар, со нивната биографија. Очекувам да се произнесат, а ако тоа е позитивно и успешно, да бидат соопштени на јавноста. Официјалниот список на идната Влада и програмата, на 18-јуни, во вторник, ќе бидат доставени до Собранието“, кажа Мицкоски.

Тој се осврна на последното гласање во Собранието каде беше обезбедно двотретинско мнозинство со гласови и од Европскиот фронт.

„Гласаа пратеници на ДУИ, точно, но од Коалицијата Европски фронт гласаа и од Турската партија, од Демократската партија на Албанците. Очекувавме да гласаат и пратениците од коалицијата на СДСМ и од Левица. Бидејќи тоа што не го кажува СДСМ, а треба да се знае, е дека јас лично остварував со нив контакти цело време. И вратата за сите пратеници да го поддржат овој закон, беше отворена. Тоа што дел од идните опозиционери гласаа и препознаа квалитет, нив треба да ги прашате. Што се однесува до составот на идната Влада, таа ќе биде составена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Вреди и политичката партија ЗНАМ“, рече Мицкоски.

На прашањето на новинарите дали, како што се слуша во политичките кругови, Зоран Ставрески од владата на Никола Груевски, ќе биде назначен за гувернер, Мицкоски не беше дециден.

„Моето мислење за господинот Ставрески е врвно, тој е исклучителен експерт, голем познавач. Таа тема воопшто не била на дневен ред, ниту пак била дискутирана воопшто“, одговори кусо мандатарот.

Во идната влада, како што нагласи Мицкоски, повеќе нема да има економски директори во здравствените установи, а ќе има еден клинички центар. Рече дека ќе се укинува позицијата заменик директор онаму каде што постои, за 20 отсто ќе се намалат членовите на управните одбори, а според планот, ќе се менува Изборниот законик со што ќе се намали бројот на пратеници од 120 на 90.

„Во првите 100 дена од Владата ќе се реализираат многу од овие ветувања“,  потенцира Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ