петок, 22 ноември 2024

Mицкоски и Меџити на академија по повод Денот на албанската азбука

По повод Ден на албанската азбука денеска во Владата ќе се одржи свечена академија.

Објавено на

часот

Сподели

На академијата во Владата свое обраќање ќе имаат претседателот на Владата Христијан Мицкоски и првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Потоа во Собранието во 11 часот ќе биде доделена и државната награда „22 Ноември“ за остварувања во областа на политичкиот, културниот и општествениот  живот во државата. Добитници се педагогот проф. д-р Авзи Мустафа и универзитетскиот професор проф. д-р Африм Османи.

Двајцата добитници се наградени за нивниот придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Македонија.

НУ Музички ансамбал на Македонија-Тетово вечерва со почеток во 19 часот на сцената на Центарот за Култура во Тетово ќе го одржи концертот „Под ноемвриските звуци“. На сцената ќе се претстават симфонискиот оркестар под водство на диригентите Агона Чупи и Премтим Етеми, како и познатите солисти: Бесарта Муртезани, Јетмир Реџепи, Леотрим Зејнула, Дајана Малолари Пајазити и Бетим Шабани. На репертоарот ќе бидат изведени маестрални дела на познати албански композитори, делови од опери и арии.

И во Битола ќе биде одбележува годишнината од Битолскиот конгрес на кој десетици албански научници од 14 до 22 ноември 1908 година се состанале за да ја создадат албанската азбука.

Делегатите од Албанија и албанските здруженија и клубови од цел свет на конгресот во Битола донеле одлука за прифаќање на латиницата со некои промени, адаптирајќи 36 букви на албанскиот јазик. Затоа 22 ноември се одбележува како Ден на албанската азбука и е неработен за албанската етничка заедница во земјава.

Конгресот во Битола бил отворен на 14 ноември и траел до 22 ноември 1908 година. Учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик. Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил конзулски центар и безбедно место.

За претседател на Конгресот бил избран Мидхад Фрашери, а потпреседатели биле Лиуѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Киријази, чија сестра, Парашќеви Киријази, била единствената жена на конгресот. Киријази го објавиле и првиот буквар со унифицирана азбука за потребите на училиштата. Азбуката прифатена на Битолскиот конгрес денеска се користи секаде каде што живее албанско население.

Според бројот и важноста на учесниците, Конгресот во Битола бил најзначаен културен настан за албанскиот народ на почетокот на 20 век, за што сведочат и експонатите во поставката на Музејот на албанската азбука во Битола.

Таа содржи 56 фотографии и повеќе од 230 документи во дигитална и хартиена форма, меѓу кои и првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енѓели од 1462 година, превод на албански јазик на евангелието, повеќе варијанти на албанската азбука што се користеле до усвојувањето на современата албанска азбука, како и одлуката за создавање модерна азбука на албанскиот народ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ