вторник, 22 октомври 2024
Реплика на премиерот кон изјавите од Бугарија

Мицкоски е подговен да разговара со Радев и Борисов, ама не ако ликуваат и нè понижуваат

„Подготвен сум да седнеме и да разговараме. Но, изнаоѓањето решение е двонасочна улица, ние не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување. Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата ликува. Овој народ направи многу за европската иднина и очекува Европа да му врати на народ и на државата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање поврзано со денешните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев и лидерот на бугарската ГЕРБ, Бојко Борисов, кои рекоа дека Бугарија инсистира на почитување на Договорот за пријателство како услов за продолжување на евроинтеграцискиот пат на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Жалам што од страна на нашиот источен сосед доаѓаат вакви пораки. Јас мислев дека ваков тип на анахрони пораки се дел од средниот век, но за жал ете, во 21 век, во современа Европа, сепак постоеле вакви политичари како што вие го цитиравте (Радев, н.з.). Јас сум подготвен да седнам и покрај тоа и да разговарам и со едниот и со другиот. Јас му посакувам на господинот Борисов да ја формира Владата во Бугарија бидејќи ние доаѓаме од Европската народна партија и логично е јас да посакувам нашиот источен сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. За тоа не треба да имате дилема. Но исто така мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, кои што виткаа `рбет, кои што коленичеа, потпишува сè и сèшто што им беше ставено на маса. Од друга страна, во името на европското знаме го ограбуваа народот, ја засрамуваа и понижуваа својата татковина“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека е подготвен за разговори врз основа на аргументи.

Мицкоски образложи дека државава отсекогаш ги признава малцинства, меѓу кои и бугарското и дека никој не го спори правото на самочувство, но додаде дека Бугарија не го признава македонското малцинство во Бугарија и не ги почитува пресудите од Европскиот суд за човекови права.

„Дали Мицкоски признал дека има бугарско малцинство во Македонија или граѓани кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница во Македонија? Да, можам да кажам дека јас тоа сум го кажал многупати и сум повторил дека – да, ние како држава уште од раните 40 – ти години на минатиот век признаваме малцинства, меѓу кои и бугарското. Не го оспоруваме правото на нашите сограѓани кои се чуствуваат како такви и тоа е факт. Но ајде да видиме сега што се случувало во историјата кај нашиот источен сосед. И ако се вратите наназад од тие рани 40-ти години и ако ги видите пописите што се правени во тие години и од раните 50-ти години, ќе видите дека неколку стотици илјади граѓани кај нашиот источен сосед се декларираат како Македонци. Дури и во доцните 40-ти години десетици учители од Македонија, во Западна Македонија и во Пиринскиот дел на Македонија, Македонците ги учеле на македонски јазик, за македонската култура, за македонските обичаи, се организирале театарски претстави. Тоа што бугарските власти потоа благодарение на тоа што се водени такви политики, тоа право го бришат и го укинуваат, доведува до тоа да се создаде фрустрација и тивка асимилација на Македоцните во Западниот дел на Бугарија во Пиринска Македонија и тоа е жално што продолжува и во 21 век“, рече премиерот.

Имаме неоспорен факт, потенцира тој, преку пресуда на Судот за човекови права во Стразбур што е потврда дека постои македонско малцинство во Бугарија.

„Европскиот суд за човекови права донесе 14 пресуди кои се потврда за постоење на  македонско малцинство во Бугарија чие што право и тоа, не да биде во Уставот, туку да се организира во невладина организација, е оневозможено од ваков тип на политичари каков што е господинот Радев. Јас повикувам на добрососедски односи, на двонасочна улица, заеднички да најдеме решение бидејќи ние треба како добри соседи да разговараме врз основа на аргументи и факти и да не го политизираме ова, да не го сведуваме на ниски страсти. Овој народ направи многу за европската иднина и очекувам Европа да му врати на овој народ и на оваа држава“, рече Мицкоски.

Во однос на тоа дали тој има некакви гаранции од Брисел дека ќе се надмине ова прашање, премиерот одговори:

„Да имаме добрососедски односи, тоа е предуслов за нормално и пристојно функционирање. Ние сме подготвени и во Брисел и во Софија и секаде онаму каде што тие ќе кажат, да седнеме и да разговараме и да зборуваме за иднината. Во меѓувреме, доколку не успееме во тоа, наша задача е да се посветиме на решавање на домашните задачи и на проблемите кои овој народ го има. Тоа ќе биде нашата политика“, рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ