недела, 14 јули 2024

Мицкоски: Додека сум јас премиер бугарскиот диктат нема да помине

Премиерот Христијан Мицкоски во своето експозе пред гласањето за новата влада рече дека во првите сто дена Владата ќе има напорна работа, дека ќе работи на намалување на даноците, на зголемување на пензиите, дека Владата ќе отпочнеме проект со над 200 милиони евра за општински проекти, една милијарда евра за македонската економија, нови странски инвестиции за нови вработувања, бесплатни учебници за сите, фронт против корупцијата, борба за раст до 5 проценти на македонската економија и почеток на капитални инфраструктурни проекти и други проекти. Мицкоски нагласи дека ова ќе биде влада за народот.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

За нападите од опозицијата во изминатите два дена, Мицкоски рече дека ги смета за депласирани и надвор од она што е интерес на граѓаните и оти тие биле дефокус од нивните реални проблеми.

„Нападите кои ги слушам овие два дена генерално се сведуваат на две тези – првата е Преспанскиот договор и вратете го името и втората е францускиот предлог и преговарачката рамка“, рече Мицкоски, кој обраќајќи се кон пратениците на СДСМ.

За втората теза за Преспанскиот договор дека викале една работа, а правеле друга работа, премиерот рече дека не само што е лажна туку е и срамна и оти сѐ додека тој е премиер ваков бугарски диктат под вакви околности нема да помине и нема да има уставни измени.

„Еве уште еднаш да ви појаснам дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени треба тоа да ви е јасно, направивте грешка таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија зошто, затоа што тогаш пред да влегувате во такви авантури требаше да седнете како што јас ви подавам рака, требаше вие нам да ни подадете рака и да седнеме да разговараме. Тогаш ќе беше јасно дека таа работа едноставно така како што вие или некој друг ја замислил едноставно не врви. Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам, ги кажувам затоа што верувам во тоа и да ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да ќе правам се додека сум жив политички и како човек се што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам. За жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам“, рече Мицкоски.

Новиот премиер свечената заклетва во Собранието ја кажа со уставното име на државата.

Ќе видите, рече тој, што значи работа за својот народ и што е мојата борба.

Изборите ги изгубивте, продолжи премиерот, „затоа што ви играа фудбалчиња, понижувајќи ве вас, пред сѐ, како личности вашите коалициони партнери, а потоа и Македонија како држава“.

„Изборите ги изгубивте затоа што ви се случија Ласкарци, Беса Транс, модуларната болница кога луѓе живи гореа а виновен беше кабелот , ви се случија овие порази на изборите затоа што голобради момчиња по некоја случајност роднински поврзани со лидери на ваши коалициони партнери купуваа трговски центри во центарот на Скопје, поразот ви се случи затоа што се возат најскапи ролс ројсери во едно рурално место во западна Македонија, луѓе кои се поврзани со лидери на политички партии кои беа ваши коалициони партнери, поразот ви се случи поради многу работи за кои го разочаравте народот и најмногу затоа што народот сака да гледа нови луѓе, направете ја таа реформа која е неопходна во вашата партија, направете ја катарзата која и треба на Македонија му треба и на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија“, рече Мицкоски.

Како што кажа СДСМ како политичка партија два пати е осудена, но не собрале храброст да му се извинат, и исто така не ја научиле лекцијата од граѓаните.

„Првиот совет е дека со овие лаги и конструкции овие два дена нема да ја повратите довербата кај граѓаните затоа што тие точно знаат што правевте и зошто ја изгубивте довербата. Довербата кај граѓаните ќе треба време да ја повратите. Треба да му дадете време на времето. Ние во ВМРО-ДПМНЕ бевме свесни дека треба да му дадеме време на времето. Тогаш кога дел од вас правевте неприципилени коалиции да работите против раководството на ВМРО-ДПМНЕ, ви велевме дајте му време на времето бидејќи тоа време помина јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ во политичка пензија испратив еден ваш поранешен претседател, вториот е тука се уште политички активен. Претпоставувам после локалните избори следната година ќе треба да бирате и четрврти. Затоа мојот совет до вас е гледајте ги работите онакви какви што се“, рече премиерот.

Мојата рака, истакна тој, ви беше подадена.

„Таа рака ќе остане подадена, за сѐ што е национален интерес за Македонија како држава“, посочи премиерот Мицкоски.

Како што кажа, државата ќе биде во рацете на граѓаните и сите институции ќе работат и создаваат за граѓаните.

„На граѓаните им е потребен фокус, на нивните реални проблеми и предизвици, создавање стабилен и професионален здравствен систем кој ќе биде во функцијата на секој граѓанин, создавање на образовен систем базиран на знаење, вредности и во чекор со модерните светски текови, им треба повисок стандард, повеќе пари, поквалитетн живот, мирни и спокојни достоинствени пензионерски денови, функционални институции, желба да живеат и да создваат тука во Македонија. Овие работи заради вашата несовеснот и неодговорност, за жал, беа уништени“, рече Мицкоски обраќајќи се кон опозоциските пратеници на СДСМ.

Новата Влада на премиерот Христијан Мицкоски беше избрана вечерва со 77 гласа за и 22 против без воздржани. Пред гласањето салата ја напуштија пратениците од Европскиот фронт. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ