На настанот, чија цел е да се подигне свеста за важноста на менталното здравје, ќе присуствува и министерот за здравство Арбен Таравари.
„Придружувајќи се кон оваа глобална иницијатива, преку јавен собир имаме за цел да ја подигнеме јавната свесност за важноста од грижа за менталното здравје, а со особен осврт на поврзаноста со факторите од работната средина, како место каде поминуваме огромен дел од нашиот живот и е тесно поврзана со сите аспекти на нашето живеење и целокупна благосостојба“ се вели во соопштението на Клиниката за психијатрија.
Акцентот во подигнувањето на свесноста се става на тоа дека темелите на кои се гради индивидуалната и колективна продуктивност и чувството на исполнетост на работа се основните права и услови кои секој работник треба да ги ужива: безбедни услови за работа; хармонични меѓучовечки релации; тимско работење базирано на поддршка и помош; јасна распределба на обврските; адекватен финансиски надомест; уживање на почит, уваженост и еднаквост; работење во пропишани временски рамки; време за одмор, грижа за себе и баланс помеѓу професионалниот и приватен живот.
„За жал, често сме сведоци или носители на товарот на прекумернo работно оптоварување, нејасни работни очекувања, несоодветна парична компензација на работата, работење во небезбедни и штетни услови по здравјето, мобинг и нарушени меѓучовечки односи, недостаток на социјална поддршка на работа. Токму овие фактори на ризик се значајно асоцирани со нарушувања на менталното здравје, манифестирани често преку синдромот на професионално согорување (burn out), како „состојба на витална исцрпеност” карактеризирана со замор, загуба на мотивација и енергија, негативен поглед кон работата, цинизам, намалена работна ефикасност, социјално повлекување и телесни симптоми“, истакнуваат од Клиниката за психијатрија.
Организаторот на одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје укажува и дека преку создавање поддржувачки средини и адресирање на потребите за менталното здравје на вработените, компаниите и институциите не само што ја подобруваат личната благосостојба на работникот, туку ја зголемуваат и продуктивноста, иновациите и успехот организацијата и општеството.