понеделник, 21 октомври 2024

Маж кој запали јапонско аниме студио е осуден на смрт

Маж од Јапонија е осуден на смрт за подметнување пожар во јапонско студио за аниме во 2019 година, при што загинаа 36 луѓе, а десетици беа повредени. Во инцидентот животот го загубија претежно млади уметници и вработени во студиото кои останале заробени на горните катови од зградата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шинџи Аоба (45) се изјасни за виновен за нападот на студиото Кјото анимејшн или Кјоани, а неговите адвокати побараа полесна казна, тврдејќи дека е психички нестабилен. Судиите ги одбија нивните барања и заклучија дека Аоба знаел што прави, пишува Би-би-си.

„Утврдив дека обвинетиот не бил ментално непресметлив во моментот на злосторството“, изјави денеска судијата Масуда за време на изрекувањето на пресудата во Окружниот суд во Кјото. Самиот Аоба се здобил со изгореници над 90% од телото за време на пожарот, а бил уапсен дури откако закрепнал од операцијата.

Според извештаите на медиумите во 2019 година, Аоба упаднал во трикатната зграда на студиото извикувајќи „Умрете!“, а потоа во студиото истурил запалива течност, најверојатно бензин, и го запалил.

Медиумите објавија дека Аоба му бил лут на студиото, познато по серијата Виолет Евергарден и други популарни дела, верувајќи дека извршиле плагијаторство на неговиот роман, тврдење кое Кјоани го негира.

Јапонија, една од ретките развиени земји што ја задржа смртната казна, обично ја изрекува за лица осудени за повеќекратни убиства.

Осудените затвореници обично поминуваат години чекајќи ја смртната казна и се информирани за погубувањето само неколку часа пред да биде извршено, пренесува Гардијан.

Јапонија ја изврши својата последна егзекуција, со бесење, во 2022 година. Од декември, 107 лица биле осудени на смрт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ