недела, 6 октомври 2024

Маск зборуваше на митинг на Трамп: Ако Трамп не победи, ова ќе бидат последни избори (ВИДЕО)

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и републикански кандидат на овогодинешните претседателски избори, вчера на сцената го повика технолошкиот милијардер Илон Маск за време на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија, местото каде што во средината на јули беше извршен атентат врз него, при што беше полесно повреден.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање до илјадниците собрани следбеници на Трамп, Маск повтори многу од тезите кои во својата кампања ги користат поранешниот американски претседател и неговиот кандидат за потпретседател Џеј Ди Венс.

Технолошкиот претприемач кој ги лансираше Тесла и Спејсекс и ја купи социјалната платформа Икс (поранешен Твитер) за претседателските избори на 5 ноември рече дека се „најважните избори во нашиот животен век“.

„Другата страна сака да ви ја одземе слободата на говорот. Тие сакаат да ви го одземат правото да носите оружје“, ѝ рече Маск на толпата.

„Тие сакаат да ви го одземат правото на глас“, додаде тој.

На митингот на Батлер на 13 јули, 20-годишниот Томас Крукс од Пенсилванија го застрела поранешниот претседател, ранувајќи го во десното уво и притоа убивајќи го пензионираниот пожарникар Кори Комператоре. Атентаторот беше убиен од безбедносните сили.

„Претседателот Трамп мора да победи за да го зачува Уставот. Мора да победи за да ја зачува демократијата во Америка“, рече Маск.

„Ако не го стори тоа, ова ќе бидат последни избори. Тоа е моето предвидување“, рече Маск.

Факт е, сепак, дека Трамп беше обвинет од демократите, а и многу републиканци, дека сакаше да го поткопа Уставот и волјата на американските гласачи обидувајќи се да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година, на кои загуби од Џо Бајден.

Маск, кој често промовира теории на заговор и веќе подолго време го поддржува Трамп, редовно ја критикува противничката на Трамп, актуелната американска потпретседателка Камала Харис.

Трамп неодамна навести дека Маск би можел да предводи комисија за ревизија на американските финансии доколку победи на изборите. „Маск треба да ги намали државните трошоци“, рече Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ